Book of Common Prayer
Предноста и одговорноста на христијанската слобода
5 Значи, ние сме слободни! Христос не ослободи. Држете се цврсто до таа слобода и не дозволувајте повторно да ви го стават јаремот на ропството, односно Мојсеевиот Закон.
2 Слушнете ме сега! Јас, Павле, ви тврдам дека ако се надевате преку обрежувањето да се спасите, тогаш Христос не може да ви помогне[a]. 3 Уште еднаш ќе ви нагласам дека секој што ќе се обреже е должен да го спроведува целиот Мојсеев Закон. 4 Тие што се обидуваат да се помират со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, се одвојуваат од Христос и ја губат Неговата благонаклоност.
5 А ние, христијаните, со нетрпение очекуваме да бидеме оправдани, но преку Светиот Дух и преку вера. 6 За тој што верува во Исус Христос нема никакво значење дали е обрежан или не. Важно е да имате делотворна вера и таа да се искажува преку љубов.
7 Добро напредувавте. Кој ве спречи да продолжите да ја следите вистината? 8 Тоа сигурно не е Бог, зашто Тој ве избра. 9 Малку квасец треба за да скисне целото тесто! 10 Јас сепак верувам дека Господ ќе ве одржи за да не отстапите од вистината, а оние што ве збунуваат, кои и да се, ќе си ја добијат заслужената казна.
11 Што се однесува до обвинувањата против мене, драги пријатели христијани, дека јас се уште проповедам оти обрежувањето е неопходно, зошто тогаш Евреите ме прогонуваат? Да е така, она што јас го проповедам за Христовиот крст не би претставувало камен на сопнување за нив. 12 Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат[b]!
13 Што се однесува до вас, драги пријатели христијани, вие сте избрани да живеете во слобода. Немојте, меѓутоа, таа слобода да ви биде изговор за да дозволите телесното да завладее со вас. Напротив, со љубов служете си еден на друг. 14 Зашто, целиот Закон може да се сведе само на една заповед: „Сакај го својот ближен како што се сакаш себеси[c].“ 15 Но, ако наместо да се сакате, се гризете и се растргнувате како диви ѕверови, внимавајте сосема да не се уништите!
Знакот на Месијата
(Мк. 8:11-13; Лк. 12:54-56) 16 Еден ден кај Исус дојдоа некои од фарисеите и садукеите, со намера да Го искушаат, и побараа од Него да им покаже некој чудотворен знак од небото. 2 Исус им одговори: „Кога небото е црвено на квечерина, вие велите: ,Времето ќе биде убаво!‘ 3 Кога небото е црвено и заматено наутро, велите: ,Денес ќе има невреме!‘ Значи, изгледот на небото знаете да го протолкувате, а знаците на Моето време не умеете да ги препознаете! 4 Само грешни и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот[a] на пророкот Јона!“ Потоа Тој ги остави и си замина.
Лажното учење споредено со квасец
(Мк. 8:14-21) 5 Подоцна, кога учениците на Исус се упатија кон спротивниот брег на езерото, беа заборавиле да понесат леб. 6 А токму тогаш Исус им говореше: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите!“[b] 7 Учениците почнаа да си шепотат меѓу себе: „Ова го зборува затоа што заборавивме да понесеме леб!“ 8 Исус, пак, знаејќи за што шепотат, им рече: „Зошто разговарате за лебот што сте го заборавиле? Колку малку вера имате! 9 Зар уште не разбирате? Заборавивте ли веќе колку кошници ви преостанаа, кога со пет леба нахранив повеќе од пет илјади души? 10 И колку кошници собравте од седумте леба со кои нахранив четири илјади души? 11 Како не сфаќате дека не зборував за леб, кога ви реков: ,Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите‘!?“ 12 Дури тогаш сфатија дека не им вели да се чуваат од квасец за леб, туку од она што го проповедаат фарисеите и садукеите.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest