Book of Common Prayer
Природата и целите на Мојсеевиот Закон
15 Драги пријатели христијани[a], да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него. 16 Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото Писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос. 17 Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј. 18 Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување.
19 Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена се додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето. 20 Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно.
21 Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот. 22 Светото Писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос.
Исус оди по површината на водата
(Мк. 6:45-52; Јвн. 6:15-21) 22 Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротче и да испловат пред Него кон спротивната страна на езерото, додека Тој не го отпушти народот. 23 Штом го отпушти народот, Тој се искачи на гората да се моли насамо. Веќе беше ноќ, а Тој се уште беше таму сам. 24 А бротчето се наоѓаше сред езеро, под удар на силни бранови, зашто дуваше силен ветар во спротивна насока. 25 Некаде меѓу[a] три и шест часот наутро Исус се упати кон нив, чекорејќи по водата. 26 Кога Го забележаа како чекори по водата, учениците се исплашија и извикаа: „Ова е дух!“ И почнаа да пискаат. 27 Но Исус веднаш им проговори и им рече: „Не плашете се, тоа сум Јас; смирете се!“ 28 Во одговор, Петар Му рече: „Господе, ако си навистина Ти, направи да дојдам до Тебе газејќи врз водата!“ 29 „Дојди!“ - му рече Исус. Тогаш Петар се спушти од бродот и се упати кон Исус одејќи по водата. 30 Но кога ги виде високите бранови, се исплаши и почна да пропаѓа во водата и да вика: „Господе, спасувај!“ 31 Исус веднаш му подаде рака, го прифати и му рече: „ Колку малку вера имаш! Зошто се посомнева?“ 32 Штом влегоа во бротчето, ветрот престана. 33 Учениците кои беа во бродот паднаа ничкум пред Него и Му рекоа: „Ти Си навистина Божјиот Син!“
Исус исцелува во Генисаретскиот крај
(Мк. 6:53-56) 34 Кога допловија на другата страна дојдоа на Генисаретска земја. 35 Таму луѓето ги препознаа и разгласија по целата околина, па Му ги доведуваа сите болни, 36 кои Го молеа да им дозволи да се допрат барем до работ на Неговата облека; и секој што ќе се допреше, оздравуваше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest