Book of Common Prayer
26 Потоа ангел Господов му рече на Филип: „Стани и оди на југ, по пустинскиот пат што се спушта од Ерусалим кон Газа!“ 27 Филип веднаш замина. По пат сретна еден Етиопјанец, евнух, виден службеник кој раководел со целата ризница во дворецот на етиопската царица Кандакија. Тој бил на поклонение во Ерусалим, 28 па сега се враќаше во Етиопија. Седеше во својата кола и ја читаше книгата на пророкот Исаија.
29 Светиот Дух му рече на Филип: „Приближи се до колата и придружи му се на Етиопјанецот.“
30 Филип го стаса и кога слушна како го чита пророкот Исаија, го праша: „Го разбираш ли ова што го читаш?“ 31 „Како би можел да го разберам, ако некој не ми го објасни?“ - одговори Етиопјанецот, па го покани да седне до него. 32 Тој го читаше следниов дел од Светото Писмо:
„Беше одведен како овца на клање,
молчеше како јагне на стрижење.
Уста не отвори, иако беше
33 понижен и лишен од правда, кога му судеа.
Кој ќе ја сфати неговата генерација[a]
која го лиши од живот на овој свет[b]!?“
34 Потоа евнухот го праша Филипа: „За кого го кажува ова пророкот: за себе или за некоја друга личност?“ 35 Тогаш Филип, почнувајќи од тоа место во Светото Писмо, му проповедаше за Исус.
36 Патувајќи така, дојдоа до една вода и евнухот рече: „Еве вода! Што ме спречува да се крстам!?“ 37 [c]
38 Тогаш евнухот нареди колата да застане, па двајцата слегоа во водата и Филип го крсти. 39 Кога излегоа од водата, Духот Господов го грабна Филипа и евнухот веќе не го виде. Потоа радосен си го продолжи патот. 40 А Филип се појави во градот Азот[d]. Минувајќи низ тие предели, ја проповедаше Радосната вест низ сите градови, се додека не стигна до Цезареја.
За молитвата
(Матеј 6:9-13; 7:7-11) 11 Еднаш, Исус се молеше на едно место, па кога заврши, еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, научи нe и нас како да се молиме, како што Јован Крстител ги научи своите ученици.“ 2 Исус им рече: „Кога се молите, молете се вака:
Небесен Татко:
нека се почитува Твоето свето име,
нека дојде Твоето Царство.
3 Давај ни ја секојдневно храната што ни е потребна.
4 Простувај ни ги гревовите,
како што и ние им ги простуваме
на нашите должници.
Не оставај да им потклекнеме на искушенијата[a].“
5 Потоа Исус продолжи: „Замислете си дека некој од вас оди на полноќ кај својот пријател и му вели: ,Пријателе, позајми ми три парчиња леб, 6 зашто од пат ми дојде еден пријател, а јас немам што да му принесам за јадење.‘ 7 Замислете вашиот пријател однатре да ви довикне: ,Не додевај! Вратата ми е веќе заклучена, а и јас и децата сме веќе в постела. Не можам да станам и да ти дадам!‘ 8 Ве уверувам, дека, ако не стане да ви даде затоа што ви е пријател, ќе стане и ќе ви даде сe што ви треба, за да си го зачува достоинството[b]!
9 Затоа, ви велам: молете и ќе добиете, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви биде отворено. 10 На секој што моли - ќе му се даде, секој што бара - ќе најде, на секој што тропа - ќе му биде отворено. 11 Дали некој од вас, татковци, би му дал камен на синот, ако тој ве моли за леб!? Дали би му дале змија, ако тој ве моли за риба!? 12 Дали би му дале скорпија, ако тој ви побара јајце!? 13 Кога вие, кои сте лоши, знаете да им давате добри дарови на вашите деца, колку повеќе вашиот небесен Татко ќе им Го даде Светиот Дух на оние што Го молат!?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest