Book of Common Prayer
Какви треба да бидат водачите и помошниците во црквите
3 Точно е дека кога некој сака да биде водач[a] на црква, посакува многу возвишена работа. 2 Затоа, за да биде човек водач на црква мора да биде без пороци, да и биде верен[b] на својата сопруга, да биде воздржан, разумен, со добар углед, гостољубив и способен да поучува. 3 Не смее да се опива, ниту да врши насилства. Треба да биде трпелив, да не е склон кон расправии и да не биде алчен за пари.
4 Треба да биде добар домаќин, а неговите деца треба да го слушаат и да го почитуваат. 5 Ако тој не умее да го води сопственото домаќинство, како тогаш ќе се грижи за Божјата црква!?
6 Тој не смее да биде новообратен, за да не стане горделив и да ја направи истата грешка што ја направи и Ѓаволот[c]. 7 Тој треба да ужива добар углед и кај луѓето што не и припаѓаат на црквата. Во спротивно, тој може да падне во стапицата на Ѓаволот и да се посрамоти.
8 Истото важи и за ѓаконите[d] во црквата. Тие мора да бидат сериозни и чесни луѓе, да не лажат, да не се опиваат и да не бидат алчни за пари. 9 Мора да имаат чиста совест и цврсто да се држат до начелата[e] на христијанската вера кои сега ни се откриени. 10 Пред да бидат назначени за ѓакони, тие треба да се докажат како луѓе без пороци.
11 Исто така и нивните жени[f] треба да бидат сериозни. Не треба да се занимаваат со озборување, не треба да бидат избувливи, туку треба да бидат верни во секој поглед.
12 Секој ѓакон треба да и биде верен на својата сопруга[g], добро да си ги воспитува децата и добро да го води сопственото домаќинство. 13 Тие што добро ги извршуваат ѓаконските должности во црквата треба да бидат наградени со почит и доверба како верни следбеници на Исус Христос.
Тајната на нашата вера
14 Се надевам дека набрзо ќе те посетам, но сепак ти го пишувам ова 15 за, ако се забавам, да знаеш како треба да се однесува секој што му припаѓа на Божјото семејство, а тоа е Црквата на Живиот Бог, столбот и темелот на вистината.
16 Без сомнение, тајната на вистинската вера во Бог е величествена:
Христос дојде во човечко тело.
Светиот Дух потврди дека Тој ја исполни Божјата волја.
Ангелите Го видоа.
За Него им беше проповедано на народите.
Луѓето поверуваа во Него.
Тој славно се вознесе на небото.
43 „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој снови по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа; 44 тогаш, ќе си рече: ,Да си се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ При враќањето забележува дека местото е празно, чисто и уредно; 45 па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што сега состојбата на човекот му е уште полоша од претходната! Тоа ќе и се случи и на оваа зла генерација!“
Вистинските роднини на Исус
(Мк. 3:31-35; Лк. 8:19-21) 46 Исус се уште му говореше на народот, кога пристигнаа мајка Му и Неговите браќа. Тие чекаа надвор и сакаа да разговараат со Него. 47 Тогаш некој Му рече на Исус: „Ене ги надвор мајка ти и Твоите браќа и сакаат да разговараат со Тебе.“ 48 А Исус му одговори на оној што му го кажа тоа: „Која ми е мајка и кои ми се браќа?“ 49 Па, покажувајќи со раката кон Своите ученици, рече: 50 „Овие ми се и мајка и браќа! Секој што ја извршува волјата на Мојот небесен Татко ми е и брат и сестра и мајка.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest