Book of Common Prayer
Бог е изворот на љубовта
7 Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо чедо и дека Го познава Бога. 8 Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов. 9 Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него. 10 Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас не сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови.
11 Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг.
12 Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас.
13 Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас. 14 Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека небесниот Татко Го испрати Синот, Исуса, да биде Спасител на светот.
15 Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога. 16 Сега знаеме колку многу Бог не сака и имаме доверба во Него.
Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него. 17 Ако искрено се сакаме и ако живееме онака како што живееше Исус, нема причина да се плашиме од Судниот ден. 18 Љубовта не остава место за страв. Совршената љубов го исклучува стравот, бидејќи стравот подразбира казна, а тој што се плаши нема искрена љубов.
19 Ние возвраќаме со љубов, зашто Бог прв не засака. 20 Ако некој тврди дека има љубов спрема Бог, а мрази некој од христијаните[a], тој е лажливец. Ако не ги сака христијаните, кои му се пред очи, како ќе може да Го сака Бога, Кого не Го има видено? 21 Христос ни даде ваква заповед: Тој што Го сака Бога, треба да ги сака и христијаните околу себе.
7 Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? 8 Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! 9 Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк! 10 Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели:
,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе[a].‘
11 Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него. 12 Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па се досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува! 13 Зашто, се до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа. 14 И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде. 15 Кој има уши, нека слуша!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest