Book of Common Prayer
18 Чеда Божји, треба вистински да се сакаме, не само на зборови, туку на дело, со нашите постапки во секојдневниот живот. 19 Така ќе знаеме дека сме на страната на вистината, и ќе ја имаме неопходната увереност кога ќе застанеме пред Бог. 20 Па и кога нашата совест не обвинува, да не забораваме дека Бог е над нашата совест и дека Тој знае се.
21 Драги мои, кога имаме чиста совест можеме да пристапиме пред Бог со увереност. 22 Се што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја. 23 А Божјата заповед е да веруваме во Неговиот Син Исус Христос и да се сакаме еден со друг. Така ни заповеда и Исус. 24 Оние што се придржуваат до Божјите заповеди живеат во нераскинливо заедништво со Бог и Тој трајно живее во нив. Како знаеме дека Бог живее во нас? Доказ за тоа е Светиот Дух што ни го даде Христос.
Вистинскиот и лажниот дух
4 Драги мои, не верувајте му на секој што тврди дека во себе го има Божјиот Дух. Проверувајте дали духот што е во нив е од Бога, бидејќи по светот се појавија многу лажни пророци. 2 Вака ќе проверите дали некој во себе го има Божјиот Дух: ако проповеда дека Исус Христос дојде во човечко тело, тој е од Бога. 3 Секој што не Му оддава признание на Исус, не е од Бога, туку е од Антихристот. За Антихристот сте слушнале дека ќе дојде. Тој е веќе присутен во светот.
4 Чеда мои, вие Му припаѓате на Бог и веќе ги победивте овие непријатели. Божјиот Дух што е во вас е посилен од духот што е во световните луѓе. 5 Тие луѓе му припаѓаат на овој свет. Световно зборуваат и светот ги слуша. 6 Ние, пак, Му припаѓаме на Бог. Тие што Го знаат Бога, не слушаат, а тие што не се на Божја страна, не не слушаат. Така распознаваме дали некој е со Духот на вистината или со духот на заблудата.
Исус и Јован Крстител
(Лк. 7:18-35) 11 Кога Исус им ги предаде овие упатства на Своите дванаесет ученици, си замина оттаму и отиде да поучува и проповеда по нивните градови.
2 Кога Јован Крстител, кој беше во затвор, слушна за она што го прави Месијата, тој испрати двајца од своите ученици 3 да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“ 4 Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате: 5 слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат[a], глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест[b]. 6 Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest