Book of Common Prayer
Павловата служба: проповедање на Радосната вест
24 Страдам, но се радувам, затоа што знам дека вие од тоа ќе имате корист. Мило ми е што со моето телесно страдање и јас придонесувам кон страдањата на Исус за Црквата, која е Негово тело. 25 Бог ми даде задолжение да и служам на Црквата и ме испрати кај вас да ви ја проповедам Неговата порака, во сета нејзина полнота. 26 Со векови оваа порака беше тајна за луѓето, а сега таа им е објаснета на Неговите свети луѓе. 27 Бог го стори ова бидејќи сакаше вие што не сте Евреи да ја разберете таа прекрасна, величествена тајна: дека Христос живее во вас и заради тоа вие со право се надевате дека ќе имате свој удел во Божјата слава.
28 Ние токму за Христос проповедаме и ја употребуваме сета наша мудрост, за да ги предупредиме и поучиме сите луѓе, па сите да станат зрели Христови следбеници. 29 Затоа јас толку напорно работам, користејќи ја силата што Тој ми ја дава.
Грижа за чиста вера
2 Сакам да знаете низ колкава агонија минувам заради вас, заради христијаните во Лаодикеја и заради сите други христијани што досега не ме имаат ни сретнато. 2 Целта ми е да ги охрабрам, сплотени во љубов целосно да ја разберат Божјата тајна, а тоа е Христос, за да сфатат какво богатство е човек да ја има таа сигурност. 3 Во Христос се кријат сите ризници на Божјата мудрост и знаење!
4 Ви го кажувам ова за да не дозволите никој да ве разубедува и да ве измами. 5 Иако не сум меѓу вас, постојано ве имам во мислите. Мило ми е што гледам дека живеете уредно и дека вашата вера во Христос е цврста.
Христос, а не обичаи, храна или слави
6 Вие Го прифативте Исус Христос како свој Господ. Продолжете да живеете во послушност спрема Него. 7 Пуштете корени во Него, од Него црпете, за да растете и да се зацврстувате во верата, онака како што ве учевме. Бидете Му бесконечно благодарни на Господ.
Сатаната го искушува Исуса
(Мк.1:12-13; Лк.4:1-13) 4 Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот. 2 Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне. 3 Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ 4 Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели[a]:
,Човекот не живее само од леб,
туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“
5 Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот 6 и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува[b]:
,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат,
на своите дланки да Те понесат,
за да не ти се препне од камен ногата.‘“
7 А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“
8 Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава; 9 и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“ 10 Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели[c]:
,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“
11 Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest