Book of Common Prayer
Живејте примерно
11 Драги мои, вие сте привремени жители, туѓинци на оваа Земја. Затоа ве молам да не им се препуштате на телесните страсти, зашто тие војуваат против вашите души. 12 Однесувајте се примерно спрема луѓето кои не Го познаваат Бога. Иако тие ве клеветат дека сте злосторници, кога ќе видат дека вршите добри дела, ќе Го прослават[a] Бога во денот кога Тој ќе ги посети[b].
13 Заради Господ, покорувајте им се на институциите на власта: било на царот, како на врховен владетел, 14 било на управниците назначени од него. Тие се поставени за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро.
15 Бог сака со правење добро да ги замолкнете неоснованите обвинувања на неразумните луѓе. 16 Вие не сте робови, туку слободни луѓе, но не треба да ја користите слободата како изговор за да правите зло, туку да живеете служејќи Му на Бог. 17 Почитувајте ги сите луѓе. Сакајте ги христијаните, имајте страхопочит спрема Бог и почитувајте ја власта[c].
Христос и Неговото страдање нека ви бидат пример
18 Слуги[d], покорувајте им се со страхопочит на вашите господари, не само на оние што се добри и кротки, туку и на оние што се сурови. 19 Вредно е во Божјите очи ако од обѕири спрема Него трпеливо поднесувате страдања на кои сте неправедно изложени. 20 Инаку, зар би било за пофалба, ако трпите заслужена казна!? Но ако правите добро, а сепак страдате, тоа е вредно во Божјите очи. 21 Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите.
22 „Грев Тој не направи, лага не изусти[e].“
23 Кога Го навредуваа, Тој не им возвраќаше со навреди.
Кога страдаше, Тој не се закануваше,
туку се препушти во рацете на Бог, Кој суди праведно.
24 Ги зеде нашите гревови врз себе, на крстот,
за да бидеме мртви за гревот,
и да почнеме да живееме за праведноста.
Тој доби рани за да бидете вие здрави.
25 Талкавте како залутани овци.
Но сега се вративте кај Пастирот,
кај Оној што се грижи за вашите души.
12 Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. 13 Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. 14 Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. 15 Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. 16 Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. 17 Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“
18 „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. 19 Да му припаѓавте на светот, тој ќе ве сакаше како свои. Но Јас ве избрав од светот и вие не му припаѓате на светот; затоа светот ве мрази. 20 Спомнете си на зборовите што ви ги кажав: ‚Слугата не е поголем од својот господар‘. Штом Мене Ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат. Штом Моето учење го слушаа, ќе го слушаат и вашето. 21 Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној што Ме испрати. 22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за своите гревови. 23 Кој Ме мрази Мене - Го мрази и Мојот Татко. 24 Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. 25 Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо[a]: ,Без причина Ме замразија‘.
26 Кога ќе дојде Помошникот - Духот на вистината, Кој произлегува од Таткото и Кого Јас ќе ви го пратам од Таткото - Тој ќе ја објавува вистината за Мене. 27 А и вие ќе ја објавувате вистината за Мене, затоа што од почеток сте со Мене.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest