Book of Common Prayer
9 Во моето претходно писмо ви напишав да се држите настрана од луѓе што се впуштаат во блуд. 10 Притоа не мислев на луѓе кои се уште не се христијани, а живеат во блуд. Кога би требало да се држите настрана од сите што во овој свет се неморални, алчни, лажговци и што им се поклонуваат на разни идоли, би требало сосема да го напуштите овој свет! 11 Мислев на луѓето што се нарекуваат христијани, а сепак прават блуд, или се алчни, или им се поклонуваат на идоли, или ги навредуваат другите, или се опиваат или мамат. Со такви немојте дури заедно ни да јадете!
12 Зар е моја работа да судам за оние што се надвор од црквата? Не треба ли и вие најнапред да се грижите какви се оние што се внатре во црквата? 13 На оние што се надвор, Бог ќе им суди, а нам Светото Писмо ни порачува:
„Отстранете го од вашите редови секој што е зол[a]!“
За споровите меѓу христијаните
6 Кога меѓу двајца христијани има некој спор, им прилега ли случајот да го изнесуваат пред световен суд, наместо да побараат помош од други христијани? 2 Зар не знаете дека еден ден, ние, христијаните, ќе му судиме на овој свет? Ако вие треба да му судите на целиот свет, зарем не сте способни да разрешите дури и најситен меѓусебен спор? 3 Зар не знаете дека ние, христијаните, ќе им судиме дури и на ангелите? Тогаш, колку полесно треба да ги разрешуваме овоземните несогласувања! 4 Кога спорите за најобични, секојдневни работи, зошто одите да се судите пред луѓе кои црквата воопшто не ги цени!? 5 Треба да се засрамите што сум принуден да ви го кажувам ова! Нема ли меѓу вас христијаните барем еден мудар човек кој би можел да пресудува во вашите меѓусебни спорови? 6 Туку дозволувате еден христијанин да се суди со друг христијанин, и тоа пред суд на неверници!
7 Самото тоа што вие воопшто се тужите еден со друг, несомнено претставува пораз за вас. Зошто не истрпите, макар и да сте онеправдани? Зошто не ја прежалите штетата што евентуално ви е нанесена? 8 Наместо тоа, вие самите правите неправди и им нанесувате штета на своите сохристијани!
ИСУС ПОУЧУВА ПРЕКУ СПОРЕДБИ
1) Споредба со сејачот, почвата и семето
(Мт. 13:1-9; Лк. 8:4-8) 4 Покрај брегот на Галилејското Езеро, Исус уште еднаш почна да го поучува народот. Се беше собрал толку многу народ, што Тој мораше да се качи на едно рибарско бротче и оттаму да му зборува на народот кој стоеше на брегот. 2 За многу работи ги учеше, користејќи се со споредби. Во една од нив им упати ваква порака:
3 „Слушајте го ова:
Еден сејач излезе да сее на својата нива. 4 Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. 5 Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја и тоа брзо никна, бидејќи земјата беше плитка. 6 Но штом опече сонцето, стебленцата свенаа и се исушија, бидејќи немаа доволно длабоки корени за да ги одржат во живот.
7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата и тие не донесоа никаков род.
8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва каде што изникна, порасна и донесе род: едно стебло роди триесет, друго шеесет, а трето - сто зрна.“
9 Потоа Исус заклучи: „Ако имате уши - слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Мт. 13:10-17; Лк. 8:9-10) 10 Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби. 11 Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби, 12 бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости[a].“
Исус ја објаснува споредбата со сејачот
(Мт. 13:18-23; Лк. 8:11-15) 13 Потоа Исус им рече: „Ако не ја разберете оваа споредба, не ќе можете да ги разберете другите. 14 Тоа што сејачот го сее е Божјата порака. 15 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето. 16 Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат. 17 Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат.
18 Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, 19 но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод.
20 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest