Book of Common Prayer
9 Сакајте ги луѓето искрено, а не лицемерно. Мразете се што е зло и решително правете добро[a]. 10 Сакајте се срдечно како браќа. Кога се работи за почести, давајте им предност на другите. 11 Бидете ревносни, а не мрзливи. Служете Му на Господ со пламенен дух.
12 Надежта што ја имате нека ве исполнува со радост. Кога ви е тешко, бидете стрпливи и постојано молете се. 13 Грижете се за потребите на посветените Божји луѓе и бидете гостољубиви.
14 Ако луѓето ве прогонуваат поради вашата вера во Христос, не колнете ги, туку благословувајте ги. 15 Радувајте се со оние што се радуваат, тагувајте со оние што тагуваат. 16 Трудете се да живеете во меѓусебна слога. Не бидете вообразени, туку дружете се со обичните луѓе. Немојте да мислите дека се знаете[b]!
17 Никому не враќајте зло за зло. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро. 18 Од ваша страна трудете се да живеете во мир со сите луѓе. 19 Драги пријатели, немојте да се одмаздувате. Препуштете му ја одмаздата на Божјиот гнев. Во Светото Писмо, Господ вели:
„Одмаздувањето е Моја работа.
Јас ќе возвратам[c]!“
20 А ти, напротив, постапувај според учењето на Светото Писмо кое вели:
„Ако твојот непријател е гладен, нахрани го,
ако е жеден, дај му да пие.
Така ќе го засрамиш,
како со вжарени гламни
да си му ја посипал главата[d].“
21 Не дозволувајте злото да ве надвладее, туку вие надвладувајте го злото со добро.
Кој е и што е Исус?
21 Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“
22 Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“
23 Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет. 24 Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!
25 „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот[a]? 26 Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“
27 Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко. 28 Исус продолжи: „Кога ќе Го подигнете[b] Синот Човечки, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум Тој што Сум и дека Сам од Себе ништо не правам, туку ги зборувам овие работи онака како што Ме упати Таткото. 29 Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“ 30 Додека го зборуваше ова, многумина поверуваа во Него.
Вистина што ослободува
31 Тогаш Исус им се обрати на Евреите кои поверуваа во Него: „Вие ќе бидете Мои вистински ученици, ако се придржувате до Моето учење. 32 Тогаш ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest