Book of Common Prayer
Што ги очекува тие што ќе отпаднат
26 Ако продолжиме намерно да грешиме, откако сме биле запознати со вистината, нема веќе друга жртва што може да ги покрие нашите гревови. 27 Во таков случај нема што друго да се очекува освен Божјиот страшен суд и распламтениот оган што ќе ги проголта Неговите противници. 28 Ако двајца или тројца сведоци потврделе дека некој одбил да го спроведе Мојсеевиот Закон, тој безмилосно бил погубуван. 29 Што мислите, колку потешка ќе биде казната за оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син, ќе ја смета крвта на заветот, која го исчистила од грев, за нешто обично и несвето и ќе Го навреди Светиот Дух Кој ни ја дарува Божјата благонаклоност!? 30 Зашто знаеме дека Оној што рекол: „Јас ќе се одмаздам, Јас ќе им платам на тие што заслужиле“, рекол и: „Господ ќе му суди на Својот народ[a]!“
31 Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!
Издржливост и надеж
32 Присетете се на минатото, кога штотуку бевте просветлени, а веќе поднесувавте зачестени напади и страдања! 33 Понекогаш бевте изложени на јавен потсмев, на навреди и прогони, а понекогаш им помагавте на тие што минуваа низ таквите страдања. 34 Сочувствувавте со оние што лежеа в затвор, а кога ви ги одзедоа вашите имоти, тоа го прифативте со радост, зашто знаете дека во вечноста ве очекуваат многу подобри нешта. 35 Затоа, не отфрлајте ја таа доверба во Господ. Не заборавајте каква голема награда носи таа. 36 Она што сега ви треба е трпение, за да продолжите да ја извршувате Божјата волја. Така ќе го добиете сето она што ви беше ветено. 37 Зашто,
,многу бргу,
Оној што треба да дојде, ќе дојде
и нема да задоцни.
38 Тие што ќе бидат праведни, преку вера ќе живеат,
а со тие што ќе Ми свртат грб,
нема да бидам задоволен[b].‘
39 Но ние не сме од оние што Му вртат грб на Бог и си ја запечатуваат пропаста. Ние имаме вера што ни дава сигурност дека ќе се спасиме.
Исус оди по езерото
(Матеј 14:22-33; Марко 6:45-52) 16 На квечерина, учениците на Исус слегоа до езерото. 17 Се качија во едно бротче и се упатија кон Кафарнаум, од другата страна на езерото. Веќе се беше стемнило, а Исус се уште не беше дошол кај нив. 18 Почна да дува силен ветер од кој езерото се разбранува. 19 Кога извеслаа околу четири до пет километри[a], тие Го видоа Исуса како се доближува до бротчето, одејќи по езерото, и се исплашија. 20 А Тој им рече: „Јас сум! Не плашете се!“ 21 Тогаш тие се осмелија да Го примат во бротчето и бротчето веднаш се најде на оној дел од брегот каде што се беа упатиле!
Луѓето Го бараат Исус
22 Следниот ден, многубројниот народ што остана од другата страна на езерото, забележа дека таму имаше само едно бротче, а знаеја дека Исус не влезе во него со учениците, туку тие заминаа без Него. 23 Потоа пристигнаа од Тиберија и други бротчиња и пристанаа близу до местото каде што беа јале од лебот, што Господ го благослови. 24 Кога луѓето видоа дека ги нема ни Исуса, ни Неговите ученици, влегоа во бротчињата и отидоа во Кафарнаум, за да Го бараат.
Исус е животодавен Леб
25 Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“
26 Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте! 27 Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest