Book of Common Prayer
Воспоставување на Новиот завет
15 Христос умре за да ги ослободи од казната оние што згрешија и го прекршија Стариот завет. Така Тој стана Посредник меѓу Бог и луѓето на еден нов завет преку кој сите што се повикани од Бог ќе го примат вечното наследство што Бог им го вети. 16 Ваквиот завет, всушност, е тестамент: тој стапува на сила само откако ќе умре тој што го напишал. 17 Се додека е живо лицето што го остава тестаментот, тој не може да се користи. Тестаментот стапува на сила дури откако ќе умре оној што го остава.
18 Затоа и првиот Завет беше воспоставен со употреба на крв како доказ за смрт. 19 Откако Мојсеј им ги пренесе на луѓето сите Божји закони, зеде крв од бикови и јарци, ја помеша со вода, па ги попрска книгата на Божјите закони и сите луѓе, употребувајќи гранче од исоп и црвена волна. 20 Потоа им рече: „Оваа крв го потврдува заветот што Бог го склучи со вас[a]“. 21 Потоа Мојсеј ги попрска со крв и Светилиштето[b] и сите предмети што се употребуваа за богослужба. 22 Всушност, според Мојсеевиот Закон, се се исчистува преку попрскување со крв; и без пролевање на крв нема простување на гревовите.
Супериорноста на небесното Светилиште
23 Овие работи беа само слики на небесните оригинали и затоа мораа да се осветуваат преку вакви обреди. Но она што е на небото треба да се исчистува со жртви што се далеку подобри од обична животинска крв. 24 Затоа Христос не влезе во Светилиштето изградено од луѓе, кое беше само копија на вистинското, туку влезе во самото небо, каде што сега се застапува за нас пред Бог. 25 За разлика од Првосвештеникот, кој со туѓа крв секоја година влегуваше во Најсветото место, Христос не влезе во небото за да се принесува Себеси повеќепати! 26 Да беше тоа неопходно, Тој ќе требаше да умира многупати од создавањето на светот наваму! Наместо тоа, кон крајот на времето, Тој дојде еднаш засекогаш, за вечно да му ја одземе моќта на гревот, принесувајќи се Себеси како жртва. 27 Исто како што на луѓето им е определено само еднаш да умрат, а потоа доаѓа судот, 28 така и Христос само еднаш се принесе Себеси како жртва, за да ги искупи гревовите на мнозина. Тој ќе дојде и вторпат, но не во врска со нашите гревови, туку за да им донесе спасение на оние што желно Го очекуваат.
Овластувањата што ги има Исус
19 Во одговор, Исус им рече: „Ве уверувам дека Синот не може да прави ништо сам од Себе; Тој го прави само она што го гледа кај Татка си. Тоа што го прави Таткото, го прави и Синот. 20 Зашто, Таткото Го сака Синот и Му покажува се што прави. Тој преку Синот ќе покаже и поголеми дела од ова исцелување, за вие да се чудите. 21 Зашто, како што Таткото ги подига мртвите и ги оживува, исто така и Синот оживува кого сака. 22 Зашто Таткото не суди никого, туку сето право да суди Му Го предаде на Синот, 23 за сите да Го почитуваат Синот, исто како што Го почитуваат Таткото. Оној што не Го почитува Синот, не Го почитува ни Таткото, Кој Го испрати.
24 Ве уверувам дека секој што ја слуша Мојата порака и верува во Бога, Кој Ме испрати, има вечен живот и нема да биде осуден за своите гревови, зашто таквиот веќе преминал од смрт во живот. 25 Ве уверувам дека доаѓа време, и веќе е дојдено, кога мртвите ќе го слушнат Мојот глас - гласот на Божјиот Син. Оние што Му биле послушни - ќе живеат! 26 Зашто, како што Таткото е извор на живот, така Му даде и на Синот да биде извор на живот. 27 Тој Му даде на Синот и право да суди, затоа што Тој е Синот Човечки[a].
28 Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот кога сите покојници ќе го слушнат гласот на Божјиот Син 29 и ќе излезат од гробовите: оние што правеле добро - ќе воскреснат за да живеат вечно, а оние што вршеле зло - ќе воскреснат за да бидат осудени на вечна казна!
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest