Book of Common Prayer
Апостолите одобруваат
2 По четиринаесет години, повторно, отидов во Ерусалим, заедно со Барнаба[a], а со себе го поведов и Тит. 2 Отидов затоа што Бог, преку откровение, така ми нареди. На еден состанок, на кој присуствуваа само поистакнатите водачи на црквата, јас им објаснив како ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи. Го сторив тоа за да не биде залудна мојата сегашна и досегашна работа. 3 Тие не поддржаа, па ни Тит, кој беше со мене, иако е Грк, не го натераа да се обреже, 4 иако некои таканаречени „христијани“[b] се обидуваа. Тие подмолно се вовлекоа во нашите редови за да извидат каква слобода ние имаме преку верата во Исус Христос, па потоа да можат да ни ја одземат таа слобода и да не претворат во робови на јудаизмот. 5 Ни за момент не им дозволивме да не надвладеат, за да може вистинската Радосна вест да биде зачувана и за вас.
6 Оние што се сметаа за поистакнати (велам се сметаа, зашто за мене тоа воопшто не е важно; Бог не суди според надворешноста), тие поистакнати луѓе не додадоа ништо кон она што јас го говорев. 7 Напротив, тие сфатија дека Бог ми довери да ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи, исто како што на Петар му довери да ја проповеда меѓу Евреите. 8 Бог, Кој работи преку Петар, испраќајќи го да биде апостол меѓу Евреите, сега работи и преку мене, со тоа што ме испрати кај другите народи. 9 Кога Јаков, Петар и Јован, кои се сметаа за столбови на црквата, сфатија дека Бог е благонаклонет спрема мене, се ракуваа со мене и со Барнаба во знак на пријателство, согласувајќи се ние да работиме меѓу нееврејските народи, а тие меѓу Евреите. 10 Единствено од мене бараа да не ги забораваме сиромашните, за кои јас и досега ревносно се грижам.
Исус исцелува глувонем човек
31 Враќајќи се од месноста околу градот Тир, преку градот Сидон, Исус се упати назад кон Галилејското Езеро, во подрачјето на Декаполис[a]. 32 Му донесоа еден глувонем човек и луѓето Го молеа да го излекува со Својот допир. 33 Исус го тргна човекот настрана и со Своите прсти му ги допре ушите. Потоа со плунка на прстите му го намачка јазикот. 34 Со поглед кон небото и со длабока воздишка, Исус рече: „Хипатах!“ - што на арамејски јазик значи: „Отвори се!“ 35 Слухот на човекот веднаш му се отвори, а во исто време почна јасно и разбирливо да зборува. 36 Исус им нареди никому да не кажуваат за ова. Но, колку повеќе им забрануваше, толку повеќе тие зборуваа за тоа. 37 Сите беа исполнети со восхит и говореа: „Сe што прави Тој е добро! На глувите им дава слух, а на немите моќ на говор!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest