Book of Common Prayer
6 Затоа, да ги надминеме веќе еднаш основите на христијанското учење и да се стремиме кон духовно созревање. Нема потреба повторно да ги поставуваме темелите за обраќање од мртвите дела, за верата во Бог, 2 за крштавањето, за полагањето раце, за воскресението на мртвите и за Вечниот суд. 3 Ајде да напредуваме, со Божја помош!
4 Зашто, за луѓето кои еднаш веќе биле просветлени и вкусиле од небесниот дар, се придружиле кон делото на Светиот Дух, 5 ја вкусиле добрината на Божјата порака и силата на идниот свет, 6 а потоа Му го свртеле грбот на Бог, нема можност одново да се покајуваат. Таквите луѓе одново Го распнуваат Божјиот Син и јавно Го срамотат!
7 Ако почвата, откако ќе го впие дождот што често врне врз неа, му роди добра жетва на оној што ја обработува, таа ќе биде благословена од Бог. 8 Но ако раѓа само трње и боцки, таа е бескорисна и Бог наскоро ќе ја проколне и ќе ја запали!
9 Но, иако зборуваме вака, драги мои, ние сепак веруваме дека ова не се однесува на вас. Уверени сме дека вас ве очекува нешто многу подобро, нешто што доаѓа со спасението. 10 Бог не е несправедлив и нема да заборави колку напорно работевте за Него, колку љубов покажавте спрема Него, помагајќи им на другите христијани и порано, а и сега. 11 Нашата искрена желба е секој од вас да истрае докрај во својата ревност. Така ќе можете да бидете сигурни дека вашата надеж навистина и ќе се исполни. 12 Само така нема да станете духовно мрзливи, туку ќе го следите примерот на оние што имаат вера и трпение преку кои го наследуваат она што Бог им го вети.
22 По ова, Исус и Неговите ученици заминаа од Ерусалим, но останаа во покраината Јудеја, каде што Исус помина извесно време со нив и крштаваше. 23 Јован исто така крштаваше во Енон[a], близу до Шалем, зашто таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа и беа крштавани. 24 Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор.
25 Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење. 26 Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“
27 Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото[b]. 28 Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница. 29 Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни. 30 Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“
Дојдениот од небото
31 Најголем од сите е Оној што доаѓа одозгора. Оној што е од Земјата, пак, и припаѓа на Земјата и зборува за земни работи. Најголем од сите е Оној што доаѓа од небото. 32 Тој сведочи за она што го видел и слушнал, но малкумина го прифаќаат Неговото сведоштво. 33 Оној што го прифаќа Неговото сведоштво потврдува дека Бог е вистинит. 34 Зашто, Оној Кого Бог Го прати ги зборува Божјите зборови, затоа што Бог му дава Дух без мера. 35 Таткото Го сака Својот Син и Му предал се во Неговите раце. 36 Оној што верува во Синот има вечен живот; оној, пак, што му е непослушен[c] на Синот, не ќе види живот, туку останува под Божјата казна!
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest