Book of Common Prayer
Нашиот Првосвештеник е Исус
14 Затоа да се држиме непоколебливо до верата што ја исповедаме, бидејќи Го имаме највозвишениот Првосвештеник - Исус, Божјиот Син, Кој отиде на небото! 15 Нашиот Првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нашите слабости; напротив, имаме Првосвештеник Кој беше искушуван во се, како и ние, но Тој не згреши. 16 Затоа, ние треба да пристапуваме кон престолот на Божјата благонаклоност со целосна доверба. Таму ќе добиеме милост и благонаклоност кои ќе ни бидат од голема помош кога ќе затреба.
Спасението ни е од Христос
5 Секој Првосвештеник е човек одбран да ги застапува луѓето пред Бог. Тој ги принесува нивните дарови за Бог и жртвите за нивните гревови. 2 Тој може да биде нежен спрема луѓето, иако тие живеат во незнаење и често застрануваат, бидејќи и самиот е човек и има свои слабости. 3 Поради своите слабости, тој мора да принесува жртви не само за гревовите на народот, туку и за сопствените гревови. 4 Но никој не може да стане Првосвештеник само затоа што сака да има таква чест. Тој мора да биде повикан од Бога, како што беше повикан и Арон.
5 Така беше и со Христос. Тој не си ја додели Самиот на Себе честа да биде Првосвештеник, туку Бог Му рече:
„Ти си Мојот Син, денес Јас станав Твој Татко[a]!“
6 А на друго место Бог за Него вели:
„Ти си вечен Свештеник, според редот на Мелхиседек[b]!“
Исус ја познава природата на човекот
23 Додека Исус беше во Ерусалим, за време на празникот Пасха, многумина поверуваа дека Тој е Месијата, гледајќи ги чудата што ги правеше. 24 Самиот Исус, пак, не им се доверуваше, затоа што Тој ги познаваше сите. 25 Немаше потреба некој да му кажува за луѓето, зашто Тој знаеше што се крие во нивните срца.
3 Меѓу фарисеите[a] имаше еден човек по име Никодим[b], кој беше еврејски верски старешина. 2 Тој дојде кај Исус ноќе и му рече: „Раби, знаеме дека Ти си учител дојден од Бог, зашто овие чуда што Ти ги правиш никој не може да ги прави, ако Бог не е со него!“
3 Исус му одговори: „Најсериозно ти велам: ако човек наново[c] не се роди, не може да го види Божјото царство!“
4 „Како може стар човек наново да се роди!?“ - праша Никодим. „Може ли да се врати во утробата на својата мајка и повторно да се роди!?“
5 Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство!
6 Телото може да роди само тело, додека Светиот Дух раѓа нов, духовен живот, од небото. 7 Не чуди се што ти реков: ,Морате наново да се родите!‘ 8 Ветрот дува каде што сака. Звукот му го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“
9 „Како може тоа да биде!?“ - праша Никодим.
10 Исус му рече: „Како можеш да му бидеш учител на израелскиот народ, а да не го знаеш тоа!? 11 Најсериозно ти велам: ние знаеме што зборуваме и сведочиме за она што сме го виделе, а вие нашето сведоштво не го примате. 12 Ако не Ми верувате кога ви зборувам за земни работи, како ќе Ми верувате ако ви зборувам за небесни работи!? 13 Никој не бил горе на небото, освен Синот Човечки[d], Кој слезе од небото. 14 Исто како што Мојсеј ја подигна бронзената змија во пустината[e], така ќе мора и Јас, Синот Човечки, да бидам подигнат. 15 Тогаш секој што ќе поверува во Мене, ќе се здобие со вечен живот.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest