Book of Common Prayer
ВИДЕНИЈА ЗА ИДНИНАТА
Опис на Божјиот престол
4 Потоа имав друго видение. На небото видов отворена врата. Тогаш ми проговори истиот глас, силен како од труба, како и на почетокот, и ми рече: „Искачи се овде, за да ти покажам што ќе се случува во иднината!“
2 Тогаш паднав во занес[a] и таму, на небото, видов престол и Некој што седи на престолот. 3 Ликот на Тој што седеше на престолот Му блескаше како скапоцените камења јаспис и карнеол[b]. Околу престолот имаше круг од божилак, со боја на смарагд. 4 Исто така, околу централниот престол имаше дваесет и четири други престоли. На нив седеа дваесет и четири старешини, облечени во бели облеки, со златни венци на главите. 5 Од централниот престол излегуваа молскавици, грмежи и татнежи. Пред престолот гореа седум факли кои Го претставуваа седумкратниот[c] Божји Дух. 6 Исто така, пред престолот се простираше нешто што прилегаше на стаклено море, бистро како кристал.
Околу централниот престол имаше четири живи суштества полни со очи и однапред и одназад. 7 Првото суштество беше како лав, второто како јунец, третото со лице на човек, а четвртото беше како орел во лет. 8 Секое суштество имаше по шест крилја, и беа полни со очи и однадвор и однатре. Овие суштества деноноќно и без прекин викаат:
„Свет е, свет е, свет е Господ, Семоќниот Бог, Кој отсекогаш постоел, постои и ќе дојде!“
За будниот и верен слуга
(Лк. 12:41-48) 45 „Значи, за кој слуга може да се рече дека е мудар и верен? Тоа е оној слуга што добил задача од својот господар да ги надгледува сите други слуги и навреме да ги храни, 46 и кој навистина си ја извршува задачата што му е доверена. Блазе си на таков слуга, кога ќе се врати неговиот господар! 47 Ве уверувам дека нему ќе му го довери сиот свој имот! 48 Но ако слугата е лош и си рече во себе: ,Мојот господар нема да се врати уште долго време!‘, 49 и почне да ги тепа своите другари, и да јаде и пие со пијаници, 50 тогаш неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, 51 и ќе го казни најстрого, фрлајќи го меѓу оние кои само се преправале дека се искрени спрема господарот. Таму ќе има лелекање и крцкање со заби.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest