Book of Common Prayer
5) Порака до мртвата црква во Сард
3 До гласникот[a] на црквата во Сард, напиши го следново:
„Ова ви го порачува Оној што Го држи седумкратниот Божји Дух и седумте ѕвезди:
Вашите дела Ми се познати. Иако за вас се говори како за живи, вие сте мртви!
2 Разбудете се и закрепнете го она малку што ви останало, и што е веќе на умирање! Утврдив дека тоа што го правите е далеку од совршено во очите на Мојот Бог! 3 Вратете се на учењето што ви беше предадено и што го чувте на почетокот. Држете се до него и покајте се од вашите гревови. Ако не се разбудите, ќе дојдам кај вас кога најмалку се надевате, како кога упаѓа провалник!
4 Сепак, некои од вас во Сард не си ги извалкаа облеките во грев. Тие ќе Ме придружуваат во бели облеки, бидејќи се достојни за тоа. 5 Секој што ќе излезе како победник ќе биде облечен во бели облеки; нивните имиња никогаш нема да бидат избришани од Книгата на животот[b]. Кога нивните имиња ќе бидат читани во присуство на Мојот небесен Татко и на Неговите ангели, Јас нив јавно ќе ги признаам за Мои.
6 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“
1) Разурнувањето на Ерусалимскиот храм
(Мк. 13:1-2; Лк. 21:5-6) 24 Кога Исус го напушташе храмот во Ерусалим и си заминуваше оттаму, Неговите ученици Му пријдоа и почнаа да Му ги покажуваат градбите на храмот. 2 А Тој им рече: „Ги гледате ли сите овие градби? Ве уверувам дека од нив нема да остане камен врз камен, зашто ќе бидат разурнати!“
2) Почеток на неволите
3 Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“
4 Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе. 5 Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата[a]!‘ - и ќе измамат мнозина. 6 Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот. 7 Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места. 8 Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“
3) Прогонства на христијаните
9 „Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат. 10 Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат. 11 Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина. 12 Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува се постудена. 13 Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси. 14 А Радосната вест[b] за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest