Book of Common Prayer
17 Но вие, драги пријатели, помнете го сето она на што ве поучуваа апостолите на нашиот Господ Исус Христос.
18 Тие ви кажаа дека во последните времиња ќе има луѓе што ќе се подбиваат, ќе се раководат само од сопствените страсти и ќе прават безбожни нешта.
19 Тоа се луѓе што создаваат поделби меѓу вас. Живеат онака како што им наложуваат инстинктите, зашто во нив го нема Божјиот Дух.
20 Но вие, драги пријатели, продолжете да ги градите вашите животи врз темелите на нашата света вера. Молете се, водени од Светиот Дух.
21 Во очекување на вечниот живот што милостиво ќе ви го подари нашиот Господ Исус Христос, останете под закрилата на Божјата љубов.
22 Бидете милостиви спрема оние со непостојана вера.
23 Спасувајте луѓе, истргнувајќи ги од огнот. Спрема сите грешници покажете милост, внимавајќи и самите да не се заразите од нивните гревови.
24 А сега, на Оној што е способен да ве зачува од паѓање и Кој со голема радост ќе ве доведе во Неговата беспрекорна слава,
25 на единствениот Бог и наш Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, Нему Му припаѓаат славата, величественоста, власта и моќта уште пред почетокот на времето, и сега, и во сите времиња! Амин.
За плаќањето данок
(Мк. 12:13-17; Лк. 20:20-26) 15 Тогаш фарисеите се повлекоа и почнаа да се договараат како да го уловат Исус да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат. 16 Испратија кај Него некои од своите ученици и од приврзаниците на Ирод, да Го прашаат: „Учителе, познато ни е дека Ти си справедлив и дека секогаш ја зборуваш вистината за Божјиот пат, без оглед на тоа што ќе мислат луѓето, зашто не гледаш кој е кој. 17 Кажи ни, тогаш, според Тебе, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император или не?“ 18 А Исус, знаејќи ја нивната подмолна намера, им рече: „Лицемери едни! Зошто сакате да Ми поставите стапица? Покажете ми една римска пара со која плаќате данок!“ 19 Тие му подадоа една пара, 20 а Тој ги праша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ 21 „На императорот!“ - му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“ 22 Тие останаа вчудовидени од ваквиот одговор, па Го оставија и си заминаа.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest