Book of Common Prayer
21 Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне! 22 Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш. 23 Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе.
Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи. 24 Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе[a] и на сите погубени од целиот свет!“
Исус исцелува многу луѓе
29 Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. 30 Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. 31 Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.
Исус чудотворно нахранува над 4.000 луѓе
(Мк. 8:1-10) 32 Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ 33 А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ 34 Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“
35 Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, 36 па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. 37 Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. 38 А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
39 Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан[a].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest