Book of Common Prayer
ЗА ДУХОВНИТЕ ДАРБИ (ДАРОВИ)
12 А сега, драги пријатели христијани, сакам да ви напишам нешто и за духовните дарби, односно за даровите што Светиот Дух му ги дава на секој од нас, за да немате погрешна претстава по ова прашање. 2 Знаете дека кога бевте пагани вие бевте заведени и влечени кон обожавање на неми идоли. 3 Затоа сакам да ви кажам како да разликувате дали нешто е навистина од Бог: како што ниеден човек кој е воден од Божјиот Дух не може да Го колне Исуса, така и никој не може да исповеда дека Исус е Господ, доколку не е воден од Светиот Дух.
4 Постојат разни духовни дарби, но сите нив ги дава истиот Дух. 5 Постојат различни начини на кои секој од нас помага во Црквата, но сите ние работиме за истиот Господ. 6 Постојат различни начини на кои Бог дејствува во нашите животи, но преку сите нас работи истиот Бог. 7 Преку секој од нас, Светиот Дух дејствува за општа полза на сите.
8 На некои луѓе Светиот Дух им дал дарба мудро да зборуваат, на други им дал особено знаење. 9 Истиот Дух на едни луѓе им дава посебна вера, а на други - дарба да исцелуваат. 10 На некои луѓе им дава моќ да прават чуда, на други да пророкуваат; на некои луѓе им дава способност да распознаваат дали духот што зборува навистина е од Бог или не, на други да зборуваат на различни јазици, а на трети, пак, да преведуваат од различни јазици. 11 Сите овие нешта ги прави единствениот и истиот Свет Дух, Кој ги распоредува даровите онака како што лично Тој ќе реши.
Исус воскреснува и исцелува
18 Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ 19 Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици.
20 А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, 21 бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ 22 Исус се сврте, ја погледна и и рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве.
23 Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, 24 им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. 25 Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. 26 За ова чудо се разгласи по целиот крај.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest