Book of Common Prayer
Писмо до христијаните од нееврејските народи
22 Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила. 23 Ним им го предадоа следново писмо:
„Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим,
до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија.
Поздрави до вас!
24 Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле. 25 Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле, 26 луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос.
27 Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме. 28 Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни: 29 да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства.
Бидете поздравени!“
30 Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото. 31 Луѓето го прочитаа и многу и се израдуваа на неговата содржина.
32 А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата. 33 Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија. 34 [a] 35 Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ.
Граѓаните на Назарет не Го сакаат Исуса
(Мт. 13:53-58; Лк. 4:16-30) 6 Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град[a]. 2 Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда? 3 Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус[b].
4 Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“ 5 Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце. 6 Остана изненаден од нивната неверба.
Исус одеше по околните села и поучуваше.
Дванаесетте апостоли во мисија
(Мт. 10:5-15; Лк. 9:1-6) 7 Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови. 8 Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап[c] во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари. 9 Носете сандали, но не и резервна облека. 10 Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град. 11 Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“
12 Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог. 13 Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло[d].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest