Book of Common Prayer
21 Се срамам што ние за вакви работи се покажавме неспособни!
Знам дека е неразумно ова што ќе го кажам, но ако некој има смелост така да се фали, имам смелост и јас. 22 Тие биле Евреи! Па и јас сум! Биле Израелци! Па и јас сум! Биле потомци на Авраам! Па и јас сум! 23 Му служеле на Христос! Глупаво е што самиот за себе вака зборувам, но јас многу повеќе Му служам на Христос, многу повеќе работам, поради што многу почесто ме затвораат, ме тепаат и ми се закануваат со смрт! 24 Петпати сум камшикуван од Евреите, по триесет и девет удари со камшик! 25 Трипати сум тепан со стапови, еднаш сум каменуван, трипати сум преживеал бродоломи, цел ден и цела ноќ сум поминал во вода, на отворено море. 26 Често патував, и бев изложен на опасности од надојдени реки и од разбојници. Изложен сум на опасности и од моите сонародници, Евреите, и од паганите. Изложен сум на опасности и во град и во дивина, и на море. Изложен сум на опасности од лажни пријатели[a]. 27 Работам, се мачам, минувам бессони ноќи, гладен, жеден, постам, ѕемнам без доволно облека.
28 И покрај се што ме притиска, јас секојдневно се грижам за сите цркви. 29 Се случило ли некој да го фати слабост, а јас да не сочувствувам со него? Се случило ли некој да застрани, а јас да не согорувам?
30 Ако веќе морам да се фалам, ќе се фалам со она што ја покажува мојата немоќ. 31 Бог, Таткото на Господ Исус, Кому Му припаѓа вечна слава, знае дека не лажам. 32 Кога бев во Дамаск, управникот на царот Арета постави стража до градските порти за да ме уапси. 33 Луѓето ме префрлија преку ѕидините во кош, преку еден прозорец, и така му побегнав.
Споредба со десеттемина царски слуги
(Матеј 25:14-30) 11 Додека народот го слушаше ова излагање, Исус во продолжение им раскажа уште една споредба. Причината беше тоа што луѓето мислеа дека сега ќе биде воспоставено Божјото царство, бидејќи Исус веќе се приближуваше кон Ерусалим. 12 Тој им рече:
„Еден човек, од благородничко потекло, се упати во една далечна земја, каде што требаше да биде прогласен за цар, а потоа планираше да се врати. 13 Пред да замине, тој ги повика своите десет слуги, им даде десет големи сребреници[a], па им рече: ,Тргувајте со овие пари додека се вратам.‘ 14 Неговите сограѓани го мразеа овој човек и по него испратија гласници да порачаат: ,Не сакаме тој да царува над нас!‘
15 Човекот сепак беше прогласен за цар и се врати во својот крај. Веднаш заповеда да ги повикаат слугите на кои им ги беше дал парите, за да чуе кој колку спечалил. 16 Дојде првиот и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште десет сребреници!‘ 17 Господарот му одговори: ,Одлично! Ти си добар слуга! И бидејќи ја оправда довербата во оваа мала задача, еве, те поставувам за управител над десет градови!‘
18 Дојде вториот слуга и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште пет сребреници!‘ 19 Господарот и нему му одговори: ,Тебе те поставувам за управител над пет градови!‘
20 Дојде и третиот слуга и рече: ,Господару! Еве ти го назад твојот сребреник. Го чував врзан во шамиче, 21 зашто се плашев од тебе, знаејќи дека си строг човек: земаш откаде што не си вложил и жнееш каде што не си сеел!‘ 22 Но Господарот му рече: ,Расипан слуго! Твоите зборови ќе ги искористам за да те осудам! Кога си знаел дека сум строг човек и дека земам откаде што не сум вложил и жнеам каде што не сум сеел, 23 зошто не го вложи мојот сребреник во некоја банка, па кога ќе се вратев, ќе си го подигнев со камата!?‘ 24 Потоа, господарот им рече на оние околу него: ,Земете го сребреникот од него и дајте му го на оној што има десет сребреници!‘ 25 Тие му рекоа: ,Господару, тој веќе има десет сребреници!‘ 26 Но тој им одговори: ,Ве уверувам, дека, на оној што веќе има спечалено нешто, ќе му се даде уште, а од оној што нема спечалено ништо, ќе му се одземе и тоа што го има!
27 А сега, доведете ги и погубете ги пред мене сите мои непријатели, кои се противеа на моето царување над нив!‘“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest