Book of Common Prayer
Трето писмо од апостол
Јован
Авторство и поздрави
1 Од старешината Јован, до мојот драг пријател Гај, кого искрено го сакам.
2 Драги пријателе, ти посакувам се добро да ти оди, да бидеш телесно здрав, како што си духовно јак.
3 Многу се израдував кога некои од христијаните дојдоа кај мене и ми потврдија дека ти си на страната на вистината и чекориш по вистинскиот пат. 4 За мене нема поголема радост од тоа да слушнам дека моите чеда чекорат по вистинскиот пат.
За заемното помагање меѓу христијаните
5 Драги пријателе, добро правиш што се грижиш и за други христијани, особено за дојдените од други места. 6 Тие пред сите нас во црквата раскажаа за твојата љубов. Добро ќе сториш ако ги испратиш на начин како што прилега пред Бог, 7 бидејќи тие патуваат заради Исусовото име, а не примаат никаква помош од оние што не се христијани. 8 Заради тоа треба да покажеме гостоприемство спрема таквите луѓе, та и ние да земеме учество во ширењето на вистината.
9 Јас им напишав едно кратко писмо на луѓето во црквата, но Диотреф, кој сака да биде водач меѓу нив, не не признава нас. 10 Затоа, ако дојдам, ќе го прекорам за тоа што го прави, напаѓајќи не злобно и неправедно. И тоа не му е доволно, па не само што самиот не ги прифаќа христијаните што доаѓаат во посета, туку и оние што би сакале да ги прифатат ги спречува и ги исклучува од црквата!
11 Драги пријателе, немој да земаш пример од оние што прават зло! Земи ги за пример оние што прават добро! Оној што прави добро е Божјо чедо, а оној што прави зло покажува дека не Го познава Бога.
Признание за Димитри
12 За Димитри сите зборуваат добро. Тоа се потврдува со вистинската порака што тој ја проповеда. И ние имаме добро мислење за него, а ти знаеш дека ние сме искрени.
Поздрави
13 Сакам уште многу нешта да ти кажам, но не сакам вака со перо и мастило. 14 Се надевам дека наскоро ќе те видам и лице в лице ќе си поразговараме.
15 Божјиот мир нека биде со тебе!
Те поздравуваат пријателите. Поздрави ги и ти оние што ни се пријатели, секого поименично.
Повикувањето на Левиј (Матеј)
(Матеј 9:9-13; Марко 2:13-17) 27 Потоа Исус излезе и здогледа еден собирач на данок[a], по име Левиј, кој седеше на даночна тезга, па му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ 28 Левиј стана и оставајќи сe тргна по Исус.
29 Набргу потоа Левиј приготви голема гозба во својот дом, во чест на Исус, а меѓу гостите, покрај другите луѓе, имаше и многу собирачи на данок. 30 А фарисеите и вероучителите од нивната група почнаа да негодуваат и им рекоа на Исусовите ученици: „Зошто јадете и пиете со собирачи на данок и со други отпадници?“ 31 На ова, Исус им одговори: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! 32 Јас не дојдов да повикувам праведници на покајание, туку грешници.“
Прашањето за постот
(Матеј 9:14-17; Марко 2:18-22) 33 Тогаш верските претставници Му рекоа на Исус: „Учениците на Јован Крстител редовно постат и се молат, како што прават и учениците на фарисеите, а Твоите ученици јадат и пијат!“ 34 Исус им одговори: „Зар треба да се тераат сватовите да постат, додека младоженецот[b] е со нив? 35 Но еден ден, младоженецот ќе се оддели од нив; тогаш тие ќе постат.“
36 Потоа им ја кажа оваа споредба: „Никој не кине парчиња од нова облека за да закрпи стара облека; зашто, така би се раскинала новата облека, а и новата крпа не би прилегала врз старата облека. 37 И никој не полни ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат[c] од новото вино и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. 38 Затоа, ново вино треба да се става во нови мешини. 39 Но никој што пие старо вино не посакува ново вино, туку ќе рече дека старото вино е подобро.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest