Book of Common Prayer
8 Авраам имаше вера и затоа кога Бог го повика да замине од својата татковина во земјата која му беше ветена како наследство, тој Го послуша. Авраам тргна, иако не знаеше каде оди. 9 Преку вера тој се досели во земјата која Бог му ја вети и живееше во шатори како туѓинец. Така живееја и Исак и Јаков, на кои Бог им го даде истото ветување. 10 Авраам постапи така, зашто тој очекуваше град со вечни темели, чиј архитект и градител е Бог.
11 И Сара имаше вера и затоа доби способност да зачне, иако беше неротка и во поодминати години. Таа[a] Му веруваше на Оној што и беше ветил. 12 Иако Авраам беше близу до умирачка, од овој единствен човек произлегоа толку потомци, колку што има ѕвезди на небото и неброени зрнца песок на морскиот брег.
13 Сите овие луѓе се сега умрени, но тие имаа вера, иако не го дочекаа она што им беше ветено, туку само оддалеку го видоа и го поздравија, истовремено признавајќи дека се само странци и привремени жители на Земјата. 14 А луѓе што така зборуваат покажуваат дека бараат место што ќе им биде татковина. 15 И не сметаа дека тоа е земјата од која произлегоа, зашто да мислеа така ќе најдеа начин таму да се вратат. 16 Напротив, тие копнееја за многу подобрата небесна татковина. И затоа Бог не се срами да биде наречен нивни Бог. Тој дури и град им изгради на небото!
14 Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува. 15 Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал[a]!?“
16 Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати. 17 Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам. 18 Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда. 19 Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“
20 „Ти си полудел!“ - му одговорија од толпата - „Кој сака да те убие!?“
21 Исус им одговори: „Исцелив еден човек во сабота и сите се стаписавте! 22 Мојсеј ви го воспостави обрежувањето (не дека е од Мојсеј, туку од патријарсите е), и вие и во саботен ден ги обрежувате вашите синови. 23 Штом вршите обрежување во саботен ден и сметате дека со тоа не се прекршува Законот на Мојсеј, тогаш зошто сте бесни на Мене поради тоа што исцелив[b] човек во сабота!? 24 Не судете површно, туку судете справедливо!“
Дали Исус е Месијата?
25 Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: „Зар не е овој човекот што Го бараат за да Го убијат? 26 А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!? 27 Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“
28 Додека поучуваше во храмот, Исус извика:
„Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате. 29 А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“
30 Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи[c] за тоа. 31 Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest