Book of Common Prayer
Павле пред Феликс и Друсила
24 По неколку дена, дојде Феликс со својата жена Друсила, која беше Еврејка. Го повикаа Павле да им зборува за верата во Исус Христос. 25 Додека тој зборуваше за праведноста, за зауздување на телесните страсти и за Божјиот суд што претстои, Феликс се исплаши и му рече: „Оди си сега! Кога ќе имам време, пак ќе те викнам.“ 26 Феликс, всушност, се надеваше дека од Павле ќе добие мито и затоа честопати го викаше и разговараше со него.
27 Така поминаа цели две години. Тогаш на местото на Феликс дојде Порциј Фест. Сакајќи да им угоди на Евреите, Феликс го остави Павле в затвор.
Судската постапка пред Фест
25 Три дена по преземањето на власта во покраината, Фест отпатува од Цезареја за Ерусалим. 2 Таму Првосвештениците и еврејските челници му го изнесоа своето обвинение против Павле, па го молеа 3 да им направи услуга и да го префрли Павле во Ерусалим, а всушност коваа заговор по пат да го убијат. 4 Но Фест им одговори дека Павле ќе биде задржан во Цезареја, каде што и тој самиот има намера набргу да се врати, 5 па ако тие имаат нешто против Павле нека дојдат со Фест неколку поистакнати луѓе кои ќе поведат обвинение против него.
6 По осум до десет дена, Фест се врати во Цезареја. Следниот ден седна во судот и нареди да го доведат Павле. 7 Околу него се насобраа Евреите кои беа дошле од Ерусалим и изнесоа многу тешки обвиненија против Павле, но не можеа да ги докажат.
8 Павле, бранејќи се, рече: „Јас не сум згрешил ни против еврејскиот Закон, ни против храмот, ниту против императорот!“
9 Фест, сакајќи да им угоди на Евреите, му рече на Павле: „Дали сакаш да одиме во Ерусалим и таму да ти судам во врска со ова?“ 10 Павле рече: „Не! Ова е суд на Римската империја и овде треба да ми биде судено. На Евреите ништо лошо не сум им сторил, како што и самиот знаете. 11 Ако сум навистина виновен, ако сум направил нешто што заслужува смртна казна, јас не се противам таа и да се изврши. Но ако обвинувањата против мене се неосновани, никој нема право да ме предаде на овие луѓе да ме убијат! Сакам да се жалам пред императорот!“
12 Тогаш Фест се посоветува со судскиот совет и му одговори: „Добро, штом сакаш да се жалиш пред императорот, ќе те пратам кај императорот!“
Жените во служба на Радосната вест
8 Потоа, Исус ги обиколуваше градовите и селата, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство. 2 Во Негова придружба беа дванаесеттемина Негови ученици и извесен број жени што ги беше исцелил од демонски духови и од разни болести. Меѓу нив беа: Марија, наречена Магдалена[a], од која Исус истера седум демони; 3 Јоана - сопруга на Иродовиот висок службеник, Куза; потоа Сузана и многу други жени кои од своите лични средства ги помагаа Исуса и Неговите ученици.
Споредба со четирите видови почви
(Матеј 13:1-9; Марко 4:1-9) 4 Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба:
5 „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците. 6 Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага. 7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата. 8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Матеј 13:10-17; Марко 4:10-12) 9 Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба, 10 а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“
Објаснување на четирите видови почви
(Матеј 13:18-23; Марко 4:13-20) 11 „А еве што значи споредбата: семето е Божјата порака. 12 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката, но доаѓа Ѓаволот и ја одзема Божјата порака од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат. 13 Каменестата почва ги претставува луѓето што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја прифаќаат, но таа не се вкоренува во нив, па тие остануваат верници само за кратко. Штом ќе настапи време на неволи, тие отпаѓаат. 14 Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови. 15 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest