Book of Common Prayer
3) Павле и Барнаба проповедаат во Иконија
14 Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. 2 Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба. 3 И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност. 4 Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите.
5 Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, 6 апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. 7 Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест.
4) Павле и Барнаба во Листра: од обожавање до каменување!
8 Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. 9 Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, 10 гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде!
11 Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ 12 Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. 13 Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите.
14 Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа[a] своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: 15 „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! 16 Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. 17 Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ 18 Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.
31 Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат. 32 Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“
33 Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“
34 Исус им одговори: „Зар не е запишано во вашиот Закон[a] дека Бог вели за народните водачи: ,Јас реков, богови[b] сте‘? 35 Ако Бог ги нарече богови оние на кои им беше дадена Божјата порака (а знаеме дека тоа што го вели Светото Писмо е секогаш точно), 36 како, тогаш, вие велите за Оној што Таткото Го освети и испрати во светот, дека хули на Бога, затоа што рекол ,Јас сум Божјиот Син‘? 37 Ако Јас не го правам истото она што го прави и Мојот небесен Татко, тогаш немојте да Ми верувате. 38 Но, ако го правам истото, тогаш, дури и да не Ми верувате Мене, верувајте им на делата, за да сфатите[c] еднаш засекогаш дека Таткото е во Мене и Јас сум во Таткото!“ 39 Тогаш тие уште еднаш се обидоа да Го уапсат, но Тој им се истргна од рацете и си замина.
40 Потоа Исус повторно отиде од другата страна на реката Јордан, на местото каде што Јован Крстител во почетокот крштаваше, и таму остана. 41 Многумина доаѓаа кај Него и велеа: „Јован не направи ниту едно чудо, но се што рече Јован за овој човек беше вистина.“ 42 И голем број луѓе таму поверуваа во Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest