Book of Common Prayer
10 А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија[a]. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“
11 Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли. 12 Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“
13 Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим! 14 Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“
15 Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците. 16 А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“
17 Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ 18 Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен.
Савле проповеда во Дамаск
19 Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск.
41 Тогаш Евреите почнаа незадоволно да мрморат против Исус, затоа што рече: „Јас сум Лебот што слезе од небото!“ 42 Говореа: „Зар Овој не е Исус, синот на Јосиф, и зар не ги познаваме татко Му и мајка Му!? Како може да вели дека Тој слегол од небото!?“
43 Исус им одговори: „Не мрморете помеѓу себе! 44 Никој не може да дојде кај Мене, ако небесниот Татко, Кој Ме прати, не го привлече; а на крајот, Јас ќе го воскреснам за вечен живот! 45 Во пророчките книги на Светото Писмо стои запишано: ,Бог ќе ги научи сите[a]‘. Секој што Го слуша небесниот Татко и учи од Него, доаѓа кај Мене. 46 Тоа не значи дека некој Го видел Бог, освен Оној Кој потекнува од Бога. Само Тој го видел Таткото. 47 Ве уверувам дека оној што верува во Мене, веќе има вечен живот. 48 Јас сум животодавниот Леб. 49 Вашите предци јадеа мана[b] во пустината, но потоа умреа. 50 Еве Го Лебот што слегува од небото, за секој да може да јаде од Него и да не умре. 51 Јас сум животодавниот Леб Кој слезе од небото! Кој се храни од овој Леб - ќе живее вечно! А Лебот што Јас ќе го дадам за животот на светот е Моето тело.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest