Book of Common Prayer
Ние сме Божји амбасадори
11 Ние имаме страхопочит спрема Господ, и затоа со сите сили се обидуваме да им всадиме вера и на другите луѓе. Бог знае дека сме искрени, а се надевам дека длабоко во себе и вие знаете какви луѓе сме. 12 Не, не ни е намерата да ви се наметнуваме, туку да ви дадеме аргументи за да се гордеете со нас, и да можете да им одговорите на оние што се фалат со својата надворешност, а не со внатрешни квалитети. 13 Ако ви изгледаме надвор од себе, тоа е за да Му донесеме слава на Бог. Ако, пак, разумот не води, тоа е за ваша полза. 14 Што и да работиме, тоа е затоа што не раководи[a] љубовта на Христос. Како што веруваме дека Христос умре за сите луѓе, така веруваме и дека сите ние умревме за стариот начин на живот што го живеевме. 15 Тој умре за сите нас и затоа тие што го прифаќаат од Него подарениот живот, нема веќе да живеат за да си угодуваат самите на себе, туку ќе живеат за да Му угодат на Христос, Кој умре и воскресна за нив.
16 Затоа, ние веќе никого не вреднуваме според телесните постигнувања. Ако порано така гледавме на Христос сега веќе не гледаме така. 17 Тоа значи дека кога некој ќе стане христијанин, тој е веќе нова личност. Не е веќе ист како порано, зашто со стариот живот е веќе завршено. Започнува нов живот!
18 Тој нов живот доаѓа од Бог, Кој, преку Христос, не помири со Себе и ни ја довери задачата да им објаснуваме на луѓето како и тие да се помират со Него. 19 Нашата порака е дека Бог беше во Христос и му понуди помирување на целиот свет со Себе, готов да им ги прости гревовите на луѓето. Таа порака, која објаснува како можеме да се помириме со Бог, ни ја довери нам, за да им ја проповедаме на сите луѓе.
20 Ние сме амбасадори[b] на Христос, и преку нас Бог ви говори. Во името на Христос, ве молиме: помирете се со Бог! 21 Бог Го даде Христос, Кој немаше никаков грев, да биде жртва за нашиот грев, та преку Него ние да се здобиеме со Божја праведност.
Алчните желби на двајца ученици
(Мт. 20:20-28) 35 Завдаевите синови Јаков и Јован дојдоа кај Исус и Му рекоа: „Учителе, сакаме да те замолиме да ни исполниш една желба!“
36 „Што сакате да сторам за вас?“ - ги праша Исус. 37 Тие Му одговорија: „Кога ќе седнеш на престолот во Твоето славно Царство, ние би сакале почесни места: едниот од нас да седи од Твојата десна страна, а другиот од левата!“ 38 Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли вие да пиете од чашата на Моите страдања од која Јас наскоро ќе морам да пијам, и да се крстите со страдалничкото крштавање со кое Јас ќе се крстам!?“ 39 „Можеме!“ - одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Ќе пиете од чашата од која Јас ќе пијам и ќе бидете крстени како и Јас. 40 Но не Сум Јас Тој што решава кој ќе седи од Мојата десна, а кој од Мојата лева страна. Тие места ќе им припаднат на оние за кои Бог ги приготвил.“
Водачите треба да се понизни
41 Кога останатите десетмина слушнаа за ова, им се налутија на Јаков и на Јован. 42 Затоа Исус ги повика сите заедно, и им рече: „Знаете дека оние што се прогласуваат за цареви владеат сурово над народите, а поставуваат и свои високи службеници кои ја користат својата власт над луѓето. 43 Но меѓу вас не треба да биде така! Тој што сака да биде најголем меѓу вас, нека им служи на сите! 44 Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека им биде на услуга на сите, 45 зашто и Јас, Синот Човечки, не дојдов на светот за да Ми служат, туку да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest