Book of Common Prayer
Темелот на нашата надеж
13 Така, на пример, кога Бог му го даде Своето ветување на Авраам, Тој се заколна дека ќе го исполни тоа што го ветува, и бидејќи нема ништо поголемо од Бога, Тој се заколна во Самиот Себе, 14 и му рече: „Јас, Господ, ти ветувам дека изобилно ќе те благословам и ќе ти дадам многубројни потомци[a]!“ 15 Авраам беше стрплив и го доби она што Бог му го вети. 16 Кога луѓето имаат меѓусебни расправии, тие се заколнуваат во нешто поголемо од себе. 17 Така и Бог, сакајќи да не увери дека целосно ќе се исполнат Неговите ветувања спрема оние на кои тие им се наменети, кон Своето ветување додаде и заклетва. 18 Бог не може да лаже! Овие две работи - Неговото ветување и заклетвата - се непроменливи и затоа, за нас што сме нашле прибежиште кај Него, тоа претставува големо охрабрување, бидејќи ние со доверба очекуваме да го добиеме тоа на што се надеваме. 19 Таа надеж е цврста котва за нашите души и не води преку завесата[b] во Божјото најсвето место, 20 таму, каде што веќе влезе Исус заради нас и стана наш вечен Првосвештеник од редот на Мелхиседек.
Исус и Самарјанката
4 Штом Исус дозна дека фарисеите слушнале оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован Крстител, 2 (иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици), 3 Тој ја напушти Јудеја и се врати во Галилеја. 4 Мораше да помине низ Самарија[a]. 5 Така Тој дојде до самарискиот град Сихар, близу до местото кое Јаков му го беше дал на својот син Јосиф[b]. 6 Таму беше бунарот на Јаков. Исус седна крај бунарот, зашто беше уморен од патувањето. Беше околу пладне[c].
7 Една жена од Самарјанците дојде, за да си нацрпи вода. „Дај ми малку вода да се напијам!“ - и рече Исус. 8 (Неговите ученици беа отидени во градот за да купат храна.)
9 Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат[d] со Самарјанците.)
10 Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“
11 Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна[e] вода? 12 Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“
Исус е животодавната вода
13 Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни. 14 А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“
15 „Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest