Book of Common Prayer
Книгата и Јагнето
5 Потоа, во десната рака на Оној што седеше на престолот забележав Книга[a] испишана и однадвор и однатре, запечатена со седум печати. 2 Тогаш видов и еден силен ангел кој со многу силен глас запраша: „Кој е достоен да ја отвори Книгата, да ги скрши нејзините печати?“ 3 Но не се најде никој, ни на небото, ни на Земјата, ниту пак во Подземниот свет, што можеше да ја отвори Книгата и да ја прочита.
4 Јас многу плачев поради тоа што не се најде ниту еден што ќе биде достоен да ја отвори Книгата и да ја прочита. 5 Тогаш еден од старешините ми рече: „Не плачи! Еве Го Победникот - Лавот од племето на Јуда, Давидовиот Потомок - Тој ќе ги скрши печатите и ќе ја отвори Книгата!“
6 Тогаш погледнав и Го видов Јагнето. Стоеше сред престолот, опкружено со четирите суштества и со дваесет и четирите старешини. Јагнето имаше лузна како некогаш да било заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои Го претставуваа седумкратниот[b] Божји Дух испратен по целата Земја.
7 Јагнето пристапи и ја зеде Книгата што ја држеше во десната рака Седнатиот на престолот.
Небесниот хор
8 Кога Јагнето ја зеде Книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Него. Секој од нив во рацете имаше харфа и златен пехар полн со запален темјан, што ги претставуваше молитвите на Божјите луѓе[c]. 9 Тие пееја нова песна со следниве зборови:
,Ти Си достоен да ја земеш Книгата, да ги скршиш нејзините печати и да ја отвориш, зашто Ти беше убиен и со Својата крв откупи за Бог луѓе од сите племиња, јазици, народи и раси. 10 Нив ги направи Божјо царство и Негови свештеници кои ќе владеат на Земјата.“
Зошто преку споредби?
(Мк. 4:10-12; Лк. 8:9-10) 10 Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“ 11 А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е. 12 Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има. 13 Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат. 14 Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели:
,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете;
ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите.
15 Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени!
Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат.
Не сакаат да видат,
да слушнат и да разберат, па да се свртат кон Мене за да ги исцелам[a].‘
16 А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате! 17 Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest