Book of Common Prayer
Единство и скромност
2 Затоа, ако наоѓате охрабрување во фактот дека сте Христови следбеници, ако Неговата љубов ве утешува, ако имате заедништво со Светиот Дух, ако сте чувствителни и сочувствувате еден спрема друг, тогаш 2 потрудете се мојата радост да биде целосна со тоа што ќе бидете сложни, ќе се сакате, и здружени ќе се стремите кон една иста цел.
3 Немојте да правите ништо од себичност, од ривалство и со цел да се истакнете, туку работете скромно и негувајте повисоко мислење за другите, отколку за себе. 4 Не гледајте си ги само сопствените интереси, туку грижете се и за потребите на другите. 5 Размислувајте онака како што размислуваше Исус Христос:
6 Тој, иако по Својата природа е Бог,
не ја искористи Својата еднаквост со Бог
за да приграби нешто за Себе.
7 Напротив, се откажа од тоа и стана слуга,
се роди во човечко тело
и живееше како човек.
8 Како човек, Тој се понижи, остана покорен
и по цена на Својот живот,
и понизно умре распнат на крст.
9 Затоа Бог Го воздигна и Му даде име
поголемо од секое друго име.
10 Пред тоа име, пред Исус,
сите суштества на колена ќе клекнат:
небесните, земните и оние под земјата,
11 сите отворено ќе признаат дека
Исус Христос е Господ!
Тоа ќе Му донесе
слава на Бог Таткото.
Посетата од Исток
2 Исус се роди во градот Витлеем, во покраината Јудеја, во времето кога таму владееше царот Ирод. Тогаш во Ерусалим допатуваа неколку мудреци[a] од некоја источна земја 2 и почнаа да се распрашуваат: „Каде е новородениот јудејски Цар? Видовме кога на исток се појави Неговата ѕвезда и дојдовме да Му се поклониме.“
3 Кога го слушна ова, царот Ирод се вознемири, а со него и целиот Ерусалим. 4 Тој ги повика сите поглавари меѓу свештениците и сите вероучители[b] меѓу народот, за да ги праша, каде треба да се роди Месијата. 5 Тие му одговорија: „Во градот Витлеем, кој се наоѓа во покраината Јудеја; зашто, еве како запишал пророкот Михеј:
6 ,Ти Витлееме, во јудејската земја,
по ништо не заостануваш зад водечките градови во Јудеја,
зашто од тебе ќе произлезе Водач
Кој ќе му биде Пастир на мојот народ Израел[c].‘“
7 Тогаш Ирод скришно ги повика мудреците и од нив го дозна точното време кога се појавила ѕвездата. 8 Потоа ги испрати за Витлеем, порачувајќи им вака: „Одете и подробно распрашајте се за Детето; штом ќе го најдете, јавете ми да појдам и јас да Му се поклонам.“ 9 Откако го ислушаа царот, тие тргнаа на пат. И ете, ѕвездата што ја беа виделе на Исток одново се појави и ги водеше се до местото каде што се наоѓаше Детето. 10 Кога видоа дека ѕвездата запре, тие бликнаа од радост! 11 Влегувајќи во куќата, Го видоа Детето и мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа, ги отворија своите ковчежиња и Го даруваа со злато, со ливан и со смирна[d].
12 Потоа тие си заминаа за својата земја по друг пат, откако Бог насон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest