Book of Common Prayer
6) До мисионерската црква во Филаделфија
7 „До гласникот[a] на црквата во Филаделфија напиши го следново:
Ова ви го порачува Светиот, Вистинитиот, Оној што ги има клучевите[b] на Давид, Оној што отвора врати и никој не може да ги затвори, а кога ќе затвори - никој не може да отвори!
8 Вашите дела Ми се познати. Пред вас поставувам отворена врата што никој не ќе може да ја затвори! Зашто, и покрај малата сила што ја имате, вие останавте послушни на Мојата порака и не одрековте дека сте следбеници на Моето име. 9 Еве, ќе видите што ќе им направам на припадниците на сатанското собрание, тие лажговци кои тврдат дека се Божји народ[c], а не се. Ќе ги натерам да дојдат кај вас и да ви клекнат на колена, за да сфатат дека Мојата љубов е спрема вас!
10 Бидејќи вие бевте послушни спрема Мојата порака и издржавте, затоа Јас ќе ве заштитам од времето на искушение што ќе ги зафати сите жители на Земјата. 11 Ќе се вратам набргу! Задржете го цврсто она што го имате и никој нема да ви го земе венецот што ќе го добиете како награда!
12 Секој што ќе излезе како победник ќе стане столб во Храмот на Мојот Бог. Никој не ќе може да го избрка оттаму! Врз секој од нив ќе напишам дека Му припаѓа на Бог и дека е жител на Божјиот град - новиот Ерусалим, што слегува од небото, откај Мојот Бог. Тие ќе го носат на себе Моето ново име.
13 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“
4) Страв и големи маки
(Мк. 13:14-23; Лк. 21:20-24) 15 „Значи, кога ќе видите дека богохулникот[a] што пустоши се наместил на светото место - за ова пишува пророкот Даниел, и секој читател треба да обрне внимание - 16 тогаш, оние што ќе се најдат во покраината Јудеја нека бегаат кон планините, 17 тој што ќе се најде на покривот, да не слегува долу да земе нешто од покуќнината, 18 а тој што е на нива, да не се враќа дома за да си го земе палтото! 19 Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките! 20 Молете Го Бога вашето бегство да не се случи зиме или во саботен ден! 21 Зашто, тогаш ќе има такви маки, какви што немало од создавањето на светот досега, ниту пак ќе ги има во иднина. 22 Да не беше предвидено скратување на тоа време, никој не би преживеал; но тоа време ќе се скрати, заради избраните од Бога.“
23 „Ако некој тогаш ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ - не верувајте му! 24 Зашто, ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе изведат големи знаци и чуда, обидувајќи се да ги измамат избраните од Бога, ако е можно. 25 Еве, однапред ви кажав. 26 Значи, ако ви речат: ,Ене Го Месијата во пустината!‘ - не одете таму; или: ,Еве Го, се крие овде!‘ - не верувајте им! 27 Зашто, Синот Човечки[b] ќе дојде како молскавица што ќе болсне на исток и веднаш ќе се види на запад! 28 Каде што е мршата, таму ќе се соберат и мршојадците[c].“
5) Враќањето на Христос
(Мк. 13:24-27; Лк. 21:25-28)
29 „Веднаш по неволите во тие дни, ќе потемни Сонцето, Месечината ќе престане да свети, од небото ѕвезди ќе паѓаат и небесните сили ќе се разнишаат[d]. 30 Тогаш, конечно на небото ќе се појави знакот на Месијата, Синот Човечки; и ќе залелекаат сите народи на Земјата кога ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаците со моќ и величествена слава[e]. 31 Тој ќе ги испрати Своите ангели со громогласен звук од труба да ги соберат Неговите избраници од сите четири страни на светот, од едниот до другиот крај на светот.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest