Book of Common Prayer
Христос ќе дојде ненадејно
5 Нема потреба да ви пишувам за времето и датумот кога ќе се случи ова. 2 Вие сигурно и самите знаете дека доаѓањето на Господ ќе биде ненадејно, како кога крадец неочекувано упаѓа ноќе. 3 Кога луѓето од овој свет ќе си мислат: „Сега сме мирни и безбедни“, тогаш неочекувано ќе им дојде уништувањето, како кога породилни болки и доаѓаат на жена што треба да роди. Тоа неминовно ќе им се случи.
4 Но вие што сте христијани, не живеете во мрак, па во тој ден нема да бидете непријатно изненадени, како од крадец. 5 Вие и припаѓате на светлината и на денот, а не на темнината и на ноќта. 6 Затоа, да не бидеме заспани, како другите луѓе, туку да бидеме будни и трезвени. 7 Ноќе луѓето спијат, ноќе се опиваат; 8 но ние што му припаѓаме на денот треба да бидеме трезвени. Треба да се вооружиме со вера и љубов. Тие да ни бидат како штитник на градите. Треба да се вооружиме со увереност дека ќе бидеме спасени и тоа да ни биде како шлем на главата.
9 Бог не не одбра за да не казни, туку за да бидеме спасени преку нашиот Господ Исус Христос, 10 Кој умре за нас, за да Му се придружиме и вечно да живееме со Него, без оглед на тоа дали кога Тој ќе се врати ќе бидеме живи, или починати. 11 Затоа, продолжете да се охрабрувате и да се изградувате еден со друг.
ИСУС ЈА ПРЕТСКАЖУВА ИДНИНАТА НА СВЕТОТ
1. Разурнувањето на храмот
(Матеј 24:1-2; Марко 13:1-2) 5 Бидејќи некои луѓе зборуваа за храмот, за неговите украсни камења и за подарените работи во него, Исус рече: 6 „Доаѓа време кога од сето ова што го гледате ниеден камен нема да остане на своето место - сe ќе биде разурнато!“
2. Појавата на лажни Месии
(Матеј 24:3-14; Марко 13:3-13) 7 Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“ 8 А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“
3. Војни и прогонства
9 „Нека не ве обзема паника кога ќе чуете за војни и револуции! Сето тоа ќе мора да се случи во почетокот, но тоа не е крајот.“
10 Потоа Тој продолжи: „Ќе се кренат народи и ќе војуваат едни против други, едно царство против друго. 11 Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и смртоносни епидемии. На небото ќе се јавуваат необични и страшни појави.
12 Но пред сето ова, вас ќе ве апсат и ќе ве прогонуваат. Ќе ве водат на судење по синагогите и ќе ве затвораат. Ќе ве изведуваат пред цареви и владетели, поради вашата вера во Мене. 13 Но тоа ќе бидат можности за вас, да посведочите за Радосната вест. 14 Запомнете дека не треба да се грижите како ќе се браните, 15 зашто Јас ќе ви дадам такви зборови и мудрост на кои вашите противници не ќе можат да им противречат и да им се противставуваат.
16 А ќе ве предаваат и вашите сопствени родители, браќа, роднини и пријатели. Некои од вас ќе бидат и погубени. 17 Сите ќе ве замразат поради вашата вера во Мене. 18 Но, ни влакно од главата нема да ви падне. 19 Останете непоколебливи и ќе ги спасите своите души.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest