Book of Common Prayer
Поттик за свет живот
13 Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос! 14 Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење. 15 Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет. 16 Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува:
„Бидете свети, затоа што Јас сум свет[a]!“
17 Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог. 18 Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени[b] со сребреници и златници, кои се потрошни нешта, 19 туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне. 20 Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас. 21 Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог.
22 Сега, откако и се покоривте на вистината, ги исчистивте своите души. Од тоа произлезе искрена, братска љубов меѓу вас. Затоа, сакајте се меѓусебно искрено и од се срце. 23 Сакајте се затоа што сега сте наново родени, не од земни родители, кои би ви ја пренесле и смртта, туку од бесмртниот Родител, преку живиот и вечен Божји Збор. 24 Светото Писмо вели:
„Секој човек е како трева,
а секоја човечка слава и убавина
се како цвеќе во ливада;
тревата се суши, цвеќето венее,
25 само зборот Господов вечно ќе живее[c].“
Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.
Исус ги благословува децата
(Мк. 10:13-16; Лк. 18:15-17) 13 Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа, 14 на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“ 15 Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму.
Богатството како пречка
(Мк. 10:17-31; Лк. 18:18-30) 16 Еднаш, кај Исус дојде еден млад човек и го праша: „Добар Учителе, какви добри дела треба да направам за да се здобијам со вечен живот?“ 17 А Исус му одговори: „Зошто ме прашуваш во врска со доброто? Има само Еден што е добар - а тоа е Бог. Ако сакаш да добиеш вечен живот, придржувај се кон Божјите заповеди.“ 18 „Кои заповеди?“ - го праша човекот, на што Исус му одговори: „Не убивај, не врши прељуба, не кради, не обвинувај лажно; 19 почитувај ги татка си и мајка си и сакај ги своите ближни како себеси[a].“ 20 Во одговор, младиот човек рече: „Кон сето тоа се придржував; што треба уште да направам?“ 21 Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, тогаш оди и продај се што имаш и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатство на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ 22 Кога го чу ова, младиот човек си замина разочаран, бидејќи поседуваше голем имот.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest