Book of Common Prayer
Новиот Ерусалим
9 Потоа дојде еден од седумте ангели што ги држеа седумте садови со седумте последни казни и ми рече: „Дојди да ти ја покажам Невестата - свршеницата на Јагнето.“ 10 Со духот ме пренесе на врвот од една висока планина и ми го покажа Светиот град, Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог.
11 Градот болскотеше од Божјата слава со сјај како од скапоцен камен - светкаше како проѕирен јаспис. 12 Околу градот имаше високи и широки ѕидови, со дванаесет порти; пред секоја порта стоеше по еден ангел. На секоја порта беше напишано по едно од имињата на дванаесетте Израелови синови, односно племиња. 13 Три порти беа на источната страна, три на северната, три на јужната и три на западната страна. 14 Градските ѕидови беа поставени врз дванаесет темели; на секој темел беше напишано името на еден од дванаесетте апостоли на Јагнето.
15 Ангелот што зборуваше со мене во раката држеше метар за мерење на градот, на портите и на градските ѕидови. 16 Градот имаше изглед на коцка: должината и височината му беа еднакви. Тој го измери градот и се покажа дека градот е долг[a] 2.220 километри, а исто толку изнесуваа и неговата широчина и неговата височина. 17 Потоа ангелот, користејќи човечки мери, ги измери и ѕидовите: нивната широчина изнесуваше околу шеесет метри[b].
18 Ѕидовите беа изградени од јаспис, а градот - од чисто злато, кое светкаше како кристал. 19 Дванаесетте темели му беа од скапоцени камења[c]. Првиот темел беше од јаспис, вториот од сафир, третиот од ахат, четвртиот од смарагд; 20 петтиот темел беше од оникс, шестиот од карнелијан, седмиот од хризолит, осмиот од берил, деветтиот од топаз, десеттиот од хризопраз, единаесеттиот од хијацинт и дванаесеттиот од аметист. 21 Секоја од дванаесетте порти беше од по едно зрно бисер. Улиците на градот беа од чисто злато, кое светкаше како кристал.
Исус вторпат ја навестува Својата смрт
(Мк. 9:30-32; Лк. 9:43б-45) 22 Еден ден, кога учениците се беа вратиле во Галилеја, Исус им рече: „Наскоро Јас, Синот Човечки, ќе бидам предаден во рацете на луѓето. 23 Тие ќе Ме убијат, но на третиот ден ќе воскреснам.“ Ова многу ги ожалости учениците.
Исус плаќа данок за храмот
24 Кога дојдоа во градот Кафарнаум, на Петар му пријдоа наплатувачите на данок за храмот и му рекоа: „Ќе плати ли вашиот Учител данок за храмот?“ 25 „Секако!“ - им одговори Петар. А кога Петар се врати дома, Исус го пресретна и го праша: „Што мислиш, Симоне, од кого наплатуваат данок земните цареви: од сопствените синови или од туѓите?“ 26 „Од туѓите!“ - одговори Петар. Тогаш Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени од плаќање. 27 Но, за да не ги соблазниме, појди до морето, фрли јадица и отвори и ја устата на првата риба што ќе ја фатиш; во неа ќе најдеш една пара[a] што ќе биде доволна да платиш данок и за Мене и за себе.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest