Book of Common Prayer
Конечниот пораз на Сатаната
7 Кога ќе изминат илјада години, Сатаната ќе биде пуштен од затворот во Бездната. 8 Тој ќе тргне да ги заведува народите по сите четири страни на светот - народите на Гог и Магог, кои заедно со него ќе тргнат во војна. Ќе собере многубројна војска, колку што има зрнца песок на морските брегови. 9 Тие ќе излезат на широката земна рамнина и ќе го опколат живеалиштето на Божјиот народ и Неговиот омилен град. Но тогаш ќе слезе оган од небото и ќе ја уништи целата армија. 10 Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови.
Конечниот Суд над Земјата и луѓето
11 Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него.
12 Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите. 13 Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела. 14 А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Ова е втората смрт. 15 Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро.
Исусовото преобразување на планината
(Мк. 9:2-13; Лк. 9:28-36) 17 По шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар и браќата Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. 2 Таму Тој се преобрази пред нив: лицето Му болсна како Сонцето, а облеката му стана блескаво бела, како светлина. 3 Наеднаш се појавија Мојсеј и пророкот Илија и разговараа со Исус. 4 Тогаш Петар Му рече на Исус: „Господе, колку ни е убаво овде! Ако сакаш, да направиме овде три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
5 Додека тој зборуваше, блескав облак ги засени и се чу глас од облакот: „Ова е Мојот Син - Мојот љубимец, со Кого наполно Сум задоволен; Него слушајте Го!“
6 Кога го слушнаа гласот, учениците многу се исплашија и паднаа ничкум. 7 Исус им пријде, ги допре и им рече: „Станете и не плашете се!“ 8 Кога тие ги кренаа своите погледи, Го видоа само Исус и никој друг.
9 Додека слегуваа од планината, Исус им нареди: „Не кажувајте му никому за ова што го видовте, се додека Јас, Синот Човечки, не воскреснам од мртвите.“
10 Тогаш учениците Го прашаа: „Зошто вероучителите велат дека пред да дојде Месијата, повторно ќе се појави пророкот Илија?“ 11 „Секако“ - им одговори Исус. „Најпрво треба да дојде Илија и да подготви се. 12 Но Јас ви кажувам дека Илија веќе дојде, а тие не го познаа и му го направија тоа што го сакаа. Така ќе мора да настрада од нив и Синот Човечки.“ 13 Тогаш им стана јасно дека Исус им говореше за Јован Крстител.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest