Book of Common Prayer
Победоносна прослава на небото
19 Потоа чув многубројни гласови на небото кои пееја вака:
„Слава на Бога[a]!
2 Зашто Тој суди чесно и справедливо!
Тој ја осуди бесрамната блудница,
и врз неа ја одмазди крвта на Своите следбеници,
зашто таа со своето блудство ја расипа Земјата!“
3 А хорот на небото повторуваше:
„Слава на Бога[b]!
Димот од пламенот во којшто таа гори,
нема никогаш да престане да се крева!“
4 Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“
Свадбената вечера на Јагнето
5 Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“
6 Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа:
„Слава на Бога!
Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта!
7 Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог,
зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата[c] е подготвена!
8 Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе[d].“
9 Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“ 10 Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус[e].“
Знакот на Месијата
(Мк. 8:11-13; Лк. 12:54-56) 16 Еден ден кај Исус дојдоа некои од фарисеите и садукеите, со намера да Го искушаат, и побараа од Него да им покаже некој чудотворен знак од небото. 2 Исус им одговори: „Кога небото е црвено на квечерина, вие велите: ,Времето ќе биде убаво!‘ 3 Кога небото е црвено и заматено наутро, велите: ,Денес ќе има невреме!‘ Значи, изгледот на небото знаете да го протолкувате, а знаците на Моето време не умеете да ги препознаете! 4 Само грешни и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот[a] на пророкот Јона!“ Потоа Тој ги остави и си замина.
Лажното учење споредено со квасец
(Мк. 8:14-21) 5 Подоцна, кога учениците на Исус се упатија кон спротивниот брег на езерото, беа заборавиле да понесат леб. 6 А токму тогаш Исус им говореше: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите!“[b] 7 Учениците почнаа да си шепотат меѓу себе: „Ова го зборува затоа што заборавивме да понесеме леб!“ 8 Исус, пак, знаејќи за што шепотат, им рече: „Зошто разговарате за лебот што сте го заборавиле? Колку малку вера имате! 9 Зар уште не разбирате? Заборавивте ли веќе колку кошници ви преостанаа, кога со пет леба нахранив повеќе од пет илјади души? 10 И колку кошници собравте од седумте леба со кои нахранив четири илјади души? 11 Како не сфаќате дека не зборував за леб, кога ви реков: ,Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите‘!?“ 12 Дури тогаш сфатија дека не им вели да се чуваат од квасец за леб, туку од она што го проповедаат фарисеите и садукеите.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest