Book of Common Prayer
Одбраната на Павле пред Феликс
10 Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече:
„Знам, господине, дека Вие веќе долго време му служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, и затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана. 11 Лесно ќе дознаете дека јас во Ерусалим пристигнав на поклонение во храмот пред дванаесетина дена. 12 Ниту во храмот ме затекнале со некого да се расправам, ниту во синагогите, ниту пак во градот сум го подбуцнувал народот на бунт. 13 Тие не можат да го докажат она за што ме обвинуваат.
14 Јас овде, пред Вас, признавам дека сум следбеник на Христовото учење[a] што тие го нарекуваат секта и на тој начин Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во се што е запишано во Мојсеевите книги и во книгите на пророците. 15 И јас, како и тие, верувам во Бог и уверен сум дека Тој ќе ги воскресне мртвите, како праведните, така и неправедните. 16 Заради тоа правам се што знам и умеам, та мојата совест пред Бог и пред луѓето секогаш да биде чиста.
17 По повеќе години отсуство се вратив во Ерусалим, носејќи со себе доброволни прилози, за да му помогнам на мојот народ и да Му принесам жртви на Бог. 18 Овие што ме обвинуваат ме видоа во храмот кога веќе го бев завршил церемонијалното исчистување. Околу мене ниту имаше насобрано луѓе, ниту имаше некаков бунт. 19 Имаше само неколку Евреи дојдени од покраината Азија, кои требаше да бидат присутни, и ако имале нешто против мене, овде пред Вас нека го изнесат. 20 Нека кажат овие што дојдоа да ме обвинат, какво злосторство најдоа во мене кога ме изведоа пред еврејското народно собрание[b], 21 освен тоа што гласно изјавив: ,Денеска овде мене ми се суди затоа што верувам во воскресението на мртвите!‘“
12 Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа. 13 Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи. 14 Така ќе бидеш благословен, зашто тие не се во состојба да ти возвратат. Но ќе ти биде возвратено на денот кога праведниците ќе воскреснат.“
Споредба со Големата вечера
(Матеј 22:1-10) 15 Кога го чу ова еден од оние што седеа на трпезата, Му рече на Исуса: ,Блазе на оние што ќе седат на трпеза во Божјото царство!‘ 16 А Исус му одговори со следнава споредба:
„Си беше еднаш еден човек, кој приготви голема вечера и им упати покани на голем број гости. 17 Кога дојде времето за вечерата, тој го испрати својот слуга да ги повика гостите, велејќи им: ,Дојдете, сe е подготвено!‘ 18 Но сите тие, еден по друг, почнаа да се изговараат. Првиот му рече: ,Купив нива и морам да одам да ја видам; прости, но не можам да дојдам.‘ 19 Вториот му рече: ,Купив пет ѕевгари волови и морам да одам да ги испробам; прости, но не можам да дојдам.‘ 20 Третиот му рече: ,Штотуку се оженив и не ќе можам да дојдам.‘
21 Слугата се врати дома и му раскажа сe на својот господар. Домаќинот многу се налути и му рече на својот слуга: ,Оди бргу по раскрсниците и по градските улици и доведи ги сиромасите, куците, слепите и сакатите!‘ 22 Набргу, слугата го извести: „Господару, направено е сe како што заповеда, но има уште слободни места!‘ 23 Тогаш господарот му рече на слугата: ,Излези по патиштата и меѓу оградите и поттикни ги луѓето да дојдат, за да ми се наполни куќата! 24 Ве уверувам, дека, ни еден од оние што беа поканети на почетокот, нема да вкуси од мојата вечера!‘“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest