Book of Common Prayer
Видение за жената и Змејот
12 Потоа на небото се покажа една чудна[a] појава: жена облечена со Сонцето. Под нејзините нозе беше Месечината, а на главата имаше венец со дванаесет ѕвезди. 2 Жената се породуваше и врескаше од породилни болки.
3 Тогаш и друга глетка се појави на небото: еден голем црвен Змеј со седум глави и десет рогови; на секоја од седумте глави имаше круна. 4 Со својата опашка Змејот завлече една третина од ѕвездите[b] на небото и ги собори долу на Земјата. Потоа Змејот се упати кон жената за да и го погуби Детето, откако ќе Го роди.
5 Жената роди Син, Кој ќе владее над сите народи со железен скиптар. Синот беше издвоен и однесен кај Бог, на Неговиот престол. 6 Жената, пак, побегна во пустината, на местото што Бог го беше приготвил како засолниште за неа - таму да биде згрижена илјада двесте и шеесет дни.
7 Тогаш изби војна на небото: Михаел и ангелите под негова команда завојуваа против Змејот и неговите ангели. 8 Змејот беше поразен и тој и неговите ангели беа исфрлени од небото. 9 Големиот Змеј, старата Змија, што ги мами сите жители на Земјата, познат како Ѓавол и Сатана, беше фрлен на Земјата, заедно со неговите ангели.
10 Потоа чув глас од небото, кој рече:
„Сега дојде спасението и Царството на нашиот Бог
и власта на Неговиот Помазаник[c],
бидејќи тужителот на Божјите луѓе,
кој деноноќно ги обвинува пред нашиот Бог, е исфрлен!
11 Тие го победија преку крвта[d] на Јагнето и со вистината што ја проповедаа, за која храбро ги жртвуваа и сопствените животи.
12 Затоа, нека се весели небото со сите свои жители! А тешко си им на Земјата и на морето, бидејќи Ѓаволот е фрлен кај нив! Тој е силно разгневен, зашто знае дека му преостанува уште само малку време!“
Исус се враќа во Назарет, но не е прифатен
(Мк. 6:1-6; Лк. 4:16-30) 53 Штом Исус заврши со изложувањето на споредбите, си замина оттаму, 54 и се врати во Назарет - своето поранешно живеалиште, каде што го поучуваше народот по синагогите[a]. Сите што Го слушаа се чудеа и говореа: „Каде се стекнал овој човек со олкава мудрост и моќ да прави чуда? 55 Зар Тој не е синот на дрводелецот? Нели му е мајка Марија и нели му се браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? 56 Нели се меѓу нас и сите Негови сестри? Каде ли се здобил овој човек со сето ова?“ 57 Жителите на Назарет Го пречекаа со сомневања. Тогаш Исус им рече: „Пророкот останува без признание единствено во својот град и во своето семејство.“ 58 И бидејќи Го дочекаа со недоверба, Тој не направи таму многу чуда.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest