Book of Common Prayer
Ангел со отворена книшка
10 Потоа забележав еден друг силен ангел како слегува од небото. Беше обвиткан со облак, а над главата имаше божилак. Лицето му светеше како сонце, а нозете - како огнени столбови. 2 Во рацете држеше отворена книшка[a]. Десната нога му беше врз морето, а левата врз копното. 3 Тој проговори со глас како лавовски рев. Во одговор се огласија седум грмотевици. 4 Кога се огласија седумте грмотевици сакав да го запишам тоа што го рекоа тие, но еден глас од небото ми рече: „Не запишувај го тоа што го рекоа седумте грмотевици; тоа нека остане тајна!“
5 Тогаш, ангелот што го видов порано со едната нога врз морето а со другата врз копното ја крена својата десна рака кон небото 6 и се заколна во името на Вечно-Живиот, Творецот на небото, на Земјата, на морето и на секое живо суштество во нив, велејќи: 7 „Одлагање повеќе ќе нема! Штом ќе затруби седмиот ангел ќе се исполнат Божјите тајни планови, како што Тој им навестуваше на Своите слуги - пророците!“
8 Тогаш пак ми проговори гласот од небото и ми рече: „Оди, земи ја отворената книшка од раката на ангелот кој стои врз морето и врз копното.“ 9 Кога отидов кај ангелот да му ја побарам книшката, тој ми рече: „Земи ја и изеди ја! Таа во устата ќе ти биде блага како мед, но кога ќе ја проголташ во стомакот ќе ти стане горчлива!“ 10 Ја зедов книшката од ангелот и ја изедов; во устата ми беше слатка како мед, но кога ја проголтав, ми ја загорчи целата утроба.
11 Тогаш ми беше речено: „Ќе треба да продолжиш да ја проповедаш Божјата пророчка порака за она што ќе се случи со луѓето од многубројните народи, раси, јазици и со нивните цареви.“
Исус ја објаснува споредбата со каколот
36 Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“ 37 Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки. 38 Нивата го претставува светот. Чистото семе ги претставува следбениците[a] на Божјото царство. Каколот ги претставува следбениците на Ѓаволот[b]. 39 Непријателот што го сее каколот е Ѓаволот. Жетвата е крајот на светот, а жетвари се ангелите. 40 Како што каколот се собира и се фрла в оган, така ќе биде и на крајот на светот. 41 Јас, Синот Човечки, ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат сите оние кои поттикнуваат на грев и сите злосторници; 42 тие ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби. 43 Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонца во царството на Својот небесен Татко. Кој има уши, нека слуша!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest