Book of Common Prayer
Аполос проповеда во Ефес и Ахаја
24 Во меѓувреме, во Ефес пристигна еден Евреин по име Аполос. Тој беше родум од градот Александрија, во Египет. Беше вешт говорник и добро ги познаваше Божјите книги. 25 Веќе беше упатен на Патот Господов и многу ревносно и точно проповедаше за Исус, иако знаеше само за крштавањето на Јован Крстител. 26 Тој почна смело да зборува во синагогата. Кога го слушнаа Присцила и Акила, го зедоа кај нив и уште подобро му го објаснија Божјиот Пат.
27 Аполос реши да замине за Ахаја[a]. Христијаните од Ефес го охрабрија и им напишаа писма на христијаните во Ахаја, со препорака да го прифатат. Кога пристигна во Ахаја, Аполос многу им помогна на новообратените христијани кои поверуваа благодарение на Божјата дарежлива благонаклоност. 28 Тој на јавни дебати ги побиваше Евреите со силни аргументи, докажувајќи им преку Божјите книги дека Исус е Месијата што им беше предвестен.
ТРЕТОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ
НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ
19 Додека Аполос беше во Коринт, Павле патуваше низ внатрешноста, во околината на Ефес, а потоа се симна во градот. Таму најде неколку нови Христови следбеници, 2 и ги праша: „Го примивте ли Светиот Дух кога поверувавте?“
Тие му одговорија: „Ние и не знаеме дека постои Свет Дух!“
3 Тогаш Павле ги праша: „А како сте крстени?“
„Онака како што крштаваше Јован Крстител“ - му одговорија тие.
4 Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“
5 Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус. 6 Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат[b]. 7 Во таа група беа околу дванаесет мажи.
25 Еден учител на верскиот Закон[a] дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“ 26 Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо[b]? Што си прочитал во него?“ 27 Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси[c]“. 28 „Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“
29 Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“ 30 Исус му одговори вака:
Милостивиот Самарјанец
„Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов. 31 Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина. 32 Истото се повтори кога тука помина и еден Левит[d]: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина. 33 Потоа намина еден Самарјанец[e], му пријде и кога го виде, му стана жал; 34 па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести. 35 Утредента, извади два сребреника, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Погрижи се за него и ако потрошиш повеќе - ќе ти доплатам кога ќе се вратам!“
36 Потоа, Исус праша: „Што мислиш, кој од овие тројца се покажал како ближен за настраданиот од разбојниците?“ 37 „Оној што бил љубезен спрема него!“ - одговори учителот на Законот. Тогаш Исус му рече: „Оди и ти постапувај така!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest