Book of Common Prayer
51 Ќе ви откријам една тајна: сите нема да доживееме физичка смрт, но сите ќе бидеме преобразени. 52 Тоа ќе се случи брзо, за еден миг на окото. Кога ќе се огласи последната труба, починатите Христови следбеници ќе бидат воскреснати во бесмртни тела, а ние што сме живи ќе бидеме преобразени исто така во бесмртни тела. 53 Неопходно е нашите распадливи тела да се преобразат во нераспадливи, и тоа што е смртно да се преобрази во бесмртно.
54 Кога нашите распадливи тела ќе се преобразат во нераспадливи, и смртното ќе стане бесмртно, тогаш ќе се исполни она што е напишано во Светото Писмо:
„Смртта е уништена и победата е целосна[a]!“
55 „О, смрт, каде е твојата победа?
О, смрт, каде е твоето осило[b]?“
56 Гревот е осилото на смртта, а силата на гревот почива врз одредбите на Божјиот Закон. 57 Но Бог ни даде победа над гревот и смртта преку нашиот Господ Исус Христос и треба да Му бидеме многу благодарни за тоа.
58 Затоа, драги пријатели христијани, бидете цврсти и непоколебливи, секогаш подготвени да го унапредувате делото Господово, свесни дека тоа што го работите за Господ нема да биде попусто.
Фарисеите приговараат за саботата
(Мк. 3:1-6; Лк. 6:6-11) 12 Набргу потоа, во еден саботен ден, Исус минуваше преку нивите насадени со пченка. Неговите ученици беа гладни и почнаа да кинат клавчиња и да јадат. 2 Кога го забележаа тоа фарисеите, Му рекоа на Исус: „Гледај, Твоите ученици го прават тоа што не е дозволено да се прави во сабота!“ 3 А Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите луѓе кога огладнеа? 4 Тогаш тој влезе во Божјиот Дом и тој и неговите луѓе јадеа од посветениот[a] леб од кој никој не смееше да јаде, со исклучок на свештениците? 5 Или, пак, зар не сте читале во Мојсеевиот Закон[b] дека и самите свештеници кои се на должност во храмот во саботните денови, работат, значи ја прекршуваат саботата, па сепак не ги сметате за виновни? 6 Но Јас ви велам: пред вас е Оној што е поголем од храмот! 7 Да бевте разбрале што значат Божјите зборови:
,Од вас сакам да покажувате милост,
а не да Ми принесувате жртви[c]‘,
немаше да ги осудувате овие невини луѓе.
8 Зашто Јас, Синот Човечки, сум Господар и на саботата.“
Исус исцелува во сабота
(Мк. 3:1-6; Лк. 6:6-11) 9 Заминувајќи си оттаму, Исус влезе во нивната синагога[d], 10 каде што виде и еден човек со парализирана рака. Со намера да Го обвинат, фарисеите Го прашаа Исуса: „Смее ли да се исцелува во сабота?“ 11 А Тој им одговори: „ Ако некој од вас има само една овца и таа му падне в јама во саботен ден, нема ли да посегне и да ја извади? 12 А колку поскапоцен од овца е човекот! Според тоа, да се прави добро во сабота е во целосна согласност со Божјиот Закон.“ 13 Тогаш му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи заболената рака и таа му стана здрава како и другата. 14 А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest