Book of Common Prayer
4) Павле и Барнаба во Листра: од обожавање до каменување!
8 Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. 9 Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, 10 гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде!
11 Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ 12 Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. 13 Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите.
14 Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа[a] своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: 15 „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! 16 Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. 17 Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ 18 Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.
Исус во домот на фарисејот Симон
36 Еден фарисеј Го покани Исуса на вечера во својот дом. Тој дојде во куќата на фарисејот и седна на трпезата. 37 Одеднаш, се појави една жена, позната грешница. Таа беше разбрала дека Исус е на гости кај фарисејот, и дојде носејќи едно шише од алабастер полно со скапоцениот мирис. 38 Клекна зад Исус, до Неговите нозе, и плачејќи почна да Му ги мие нозете со своите солзи, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги мачка со скапоцениот мирис.
39 Фарисејот, гледајќи го ова, си помисли за Исус: „Да е Овој вистински пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира; би знаел дека е грешница!“ 40 А Исус му рече: „Симоне, да те прашам нешто!“ „Кажи, Учителе“ - одговори тој. 41 „Двајца луѓе му должеле пари на некој човек. Едниот му должел петстотини сребреници, а другиот педесет. 42 Бидејќи не можеле да му платат, тој им ги простил долговите на обајцата. Што мислиш, кој од двајцата ќе има поголема љубов кон него?“ 43 „Мислам, оној на кого му е простен поголем долг“ - одговори Симон. „Правилно процени!“ - Му рече Исус, 44 па, свртувајќи се кон жената, Му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Кога дојдов во твојата куќа, ти ни вода на нозете не ми полеа, а таа со солзи ми ги изми и со својата коса ми ги избриша. 45 Ти не ме доброса со бакнеж, а таа, откако Сум влезен, не престана да ми ги бакнува нозете! 46 Ти не ми капна мирис на главата, а таа нозете ми ги намачка со скапоцен мирис. 47 Затоа, ти велам: големиот број нејзини гревови и се простуваат, зашто таа покажа многу љубов спрема Мене. А на кој му е малку простено, тој само малку љубов покажува.“ 48 Потоа и рече на жената: „Гревовите ти се простени!“ 49 Луѓето што седеа со Него на трпезата почнаа да си шепотат: „Кој е Овој што и гревови простува!?“ 50 А Исус и рече на жената: „Оди си спокојно; твојата вера те спаси!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest