Book of Common Prayer
10 На оние што се во брак им заповедам да не се разведуваат. Тоа не е заповед од мене, туку од Господ[a]. Жената нека не се разведува од својот сопруг. 11 Ако сепак се разведе, да не стапува во нов брак, или нека му се врати на својот маж. Истото важи и за мажите: да не се разведуваат од своите сопруги.
12 На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава. 13 Така, и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава, 14 бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети[b].
15 Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир. 16 Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете[c] да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси?
17 Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви. 18 На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува. 19 Дали човек е обрежан или не, воопшто не е важно. Важно е да живееме според Божјите заповеди.
20 Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал. 21 Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и се уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја. 22 А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос. 23 Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате! 24 Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив.
За богатството на Земјата и на небото
(Лк. 12:22-36; 16:13; Мт. 19:21; По 23:4-5) 19 „Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат, 20 туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат. 21 Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето.
Споредба со окото
22 Очите се светилка за телото; ако ти се здрави очите, целото тело ќе ти биде осветлено; 23 ако, пак, очите не ти се добри, целото тело ќе ти биде затемнето. Значи, ако тоа што во тебе треба да е светлина, всушност е темнина, колку ли е црна темнината!?
Или Бог или материјалното
24 Никој не може да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или пак едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бога и на парите[a].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest