Book of Common Prayer
12 Некои од вас велат: „Имам слобода да правам што сакам!“ Да, но не е се полезно! Иако имам слобода да правам што сакам, нема да дозволам да робувам на нешто. 13 Велите: „Храната е наменета за стомакот, а стомакот за храната!“ Да, но еден ден Бог ќе ги уништи и стомакот и храната. Телото не постои со него да правиме блуд. Нашите тела Му припаѓаат на Господ, зашто Господ ги создал. 14 Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.
15 Зар не сфаќате дека вашите тела се органи на Христовото тело? Треба ли сега јас да земам нешто што е Христово и да го соединам со проститутка? Никако! 16 Или не ви е јасно дека оној што се соединува со проститутка станува едно со неа? Светото Писмо вели: „Двајцата ќе станат едно тело[a].“ 17 На сличен начин, Кој се соединува со Господ, станува еден дух со Него.
18 Бегајте од блудот! Секој друг грев што човек може да го направи е надвор од неговото тело, но со блудот греши против сопственото тело. 19 Зар не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој ви е подарен од Бог за да живее во вас? Вие не сте ваша сопственост. 20 Откупени сте со скапа откупнина! Затоа, користете ги вашите тела со нужната почит спрема Бог.
За дарежливоста
(Мт. 6:6,18; 23:5; 2Кор. 9:9) 6 „Пазете се од искажување побожност и добрина со цел да се покажете пред луѓето, зашто тогаш не ќе имате награда од вашиот небесен Татко.
2 А кога давате милостини, не трубете насекаде, како што тоа го прават лицемерите по синагогите[a] и по улиците. Тие го прават тоа за да бидат пофалени од луѓето. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! 3 А ти, кога ќе даваш милостини, твојата лева рака да не знае што дала десната; 4 нека бидат дискретни твоите милостини, а твојот небесен Татко, Кој го гледа и тоа што е тајно, ќе те награди јавно.“
За молитвата
5 „А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите[b] и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! 6 А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно.
За постот
(Иса. 58:5-12) 16 „И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! 17 А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето, 18 за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно. “
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest