Book of Common Prayer
Бидете светала во овој свет
12 Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение, 13 зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака.
14 Се што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате, 15 за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото, 16 држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни.
17 Вашата вера во Господ и вашето служење се жртва што Му се принесува на Бог. Можеби мојата крв ќе треба да се излее како принос врз таа жртва. Ако биде така, јас ќе бидам среќен и ќе се радувам со сите вас. 18 Така и вие треба да бидете среќни и да се радувате со мене.
Павле го препорачува Тимотеј
19 Ако Му е тоа по волја на Господ Исус, се надевам дека набрзо ќе можам да го пратам кај вас Тимотеј, та кога ќе се врати да ме израдува со вести за вас, 20 зашто немам друг истомисленик што толку искрено се грижи за вас. 21 Сите други работат за своја корист, а не за делото на Исус Христос. 22 Но, тој се има докажано како карактерен човек. Се сеќавате како работевме заедно на ширењето на Радосната вест: како татко и син. 23 Се надевам дека ќе можам да го испратам веднаш штом дознаам каква судбина ми се подготвува, 24 а се надевам дека Господ ќе ми овозможи наскоро и јас да дојдам кај вас.
Павле го препорачува Епафродит
25 Во меѓувреме, сметав дека е потребно да ви го пратам нашиот брат Епафродит, со кој заедно работевме и се боревме, откако вие ми го испративте да ми помага во разни потреби. 26 Тој одвај чека да ве види, копнее да се врати дома, зашто му падна тешко што сте разбрале дека беше болен. 27 Навистина беше смртно болен, но Бог му се смилува. И не само нему, туку и мене ми се смилува, за да не ми дојде тага врз тага. 28 Брзам да го испратам, за да го видите и да му се нарадувате, па и јас да не бидам толку загрижен за вас. 29 Затоа, пречекајте го со радост, како брат во Господ. Таквите како него треба многу да ги цените, 30 зашто работејќи за Христос, тој животот си го доведе во опасност и речиси умре, за да ми помогне и да ми го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене, бидејќи сте далеку.
13 По заминувањето на мудреците, на Јосиф му се јави насон ангел Господов и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и бегај во Египет; остани таму додека не ти се јавам, зашто Ирод ќе го бара Детето за да Го убие.“ 14 Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му Марија и ноќта заминаа за Египет. 15 И останаа таму се до смртта на Ирод. Со ова се исполнуваше претскажаното од Бог преку пророкот Осија[a]:
„Од Египет го повикав Мојот Син.“
Колежот на новородените деца
16 Ирод збесна кога сфати дека мудреците го надитрија и нареди во Витлеем и во неговата околина да бидат убиени сите машки деца до двегодишна возраст - согласно со времето што го беше дознал од мудреците. 17 Со ова се исполнуваше претскажаното од пророкот Еремија:
18 „Пискотници се слушаат во Рама,
плач и тажни лелеци;
Рахела плаче по своите деца
и не сака да се утеши,
зашто нив повеќе ги нема[b].“
Враќањето од Египет во Назарет
19 По смртта на Ирод, на Јосиф, кој беше во Египет, му се јави насон ангел Господов 20 и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и врати се во израелската земја, зашто изумреа тие што сакаа да Му го одземат животот на Детето.“ 21 Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му и сите се вратија во израелската земја. 22 Меѓутоа, кога Јосиф дозна дека во Јудеја, на местото на Ирод дошол на власт неговиот син Архелај, се исплаши да појде таму. Па откако насон прими упатства, замина во покраината Галилеја. 23 Таму се насели во градот Назарет, со што се исполнуваше претскажаното од пророците дека Месијата ќе Го викаат „Назареќанец“.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest