Book of Common Prayer
Павле е радосен што се проповеда за Христос
12 Сакам да знаете, драги пријатели христијани, дека она што ми се случи, помогна Радосната вест уште поуспешно да се шири. 13 Целата царска стража во касарната и сите луѓе што се овде дознаа дека сум затворен поради тоа што проповедам за Христос. 14 Мојот престој во затворот кај повеќето христијани ја зацврсти нивната вера во Господ, ги поттикна да бидат посмели и без страв да ја проповедаат Божјата порака.
15 Навистина, некои тоа го прават од завист и од соперништво спрема мене, но другите со најискрени намери проповедаат за Христос. 16 Оние што го прават тоа од љубов знаат дека Бог ме определи да ја бранам Радосната вест. 17 Оние, пак, што проповедаат од ривалство и нечесни мотиви, сакаат да ми ја наголемат болката додека сум в затвор. 18 Но без оглед на тоа дали мотивите се чисти или не, се проповеда за Христос! А јас на тоа се радувам и ќе продолжам да се радувам, 19 бидејќи знам дека преку вашите молитви и со помошта што доаѓа од Духот на Исус Христос сето ова ќе биде за мое избавување.
Да се живее и да се умре за Христос
20 Јас најискрено се надевам и посакувам во ништо да не потфрлам, исполнувајќи ја својата должност. Сакам секогаш, а посебно сега, да бидам полн со храброст, и со целото мое битие да Му донесам слава на Христос, било преку мојот живот, или преку мојата смрт. 21 Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка! 22 Но ако останам жив ќе можам плодно да работам за Христос. Затоа, кога би требало јас да избирам, не знам што би одбрал. 23 Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро, 24 или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас. 25 Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата, 26 па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене.
Однесувајте се како жители на небото
27 Трудете се да живеете достојно на Радосната вест на Христос. Без разлика дали сум со вас и можам да видам што правите, или сум отсутен, сакам да слушам само добро за вас: дека еднодушно и сложно се борите за верата што произлегува од Радосната вест. 28 Немојте да се плашите од вашите непријатели. Бидете секогаш храбри. Со тоа ќе им покажете дека тие ќе изгубат, а вие ќе бидете спасени, зашто Бог е на ваша страна. 29 Дадена ви е привилегијата да Му служите на Христос, не само со тоа што ќе верувате во Него, туку и со тоа што ќе страдате за Него, 30 водејќи ја истата борба што ја водев јас, како што и самите видовте, борба што и сега, како што слушате, продолжувам да ја водам.
16) Воскресението на Исус
(Мт. 28:1-8; Лк. 24:1-12; Јвн. 20:1-10) 16 По саботата, Марија од Магдала, Салома и Марија - мајката на Јаков - купија мириси за балсамирање на Исусовото тело. 2 Во раните зори на Неделата, при изгрејсонце, тие се упатија кон гробницата. 3 Одејќи, почнаа да се прашуваат: „Како ќе го тргнеме каменот од отворот на гробницата?“ 4 Но кога втасаа таму и погледнаа, забележаа дека тешкиот камен е веќе отстранет! А каменот беше навистина голем!
5 Жените влегоа во гробницата и на десната страна видоа седнат еден млад човек[a] во долга бела облека. Многу се исплашија!
6 Но ангелот им рече: „Не плашете се! Вие го барате Назареќанецот Исус, Кој беше распнат. Тој воскресна и не е овде! Еве го местото каде што беше положено Неговото тело. 7 Одете и кажете им на Неговите ученици, и особено на Петар: ,Исус ќе ве чека во Галилеја. Таму ќе Го видите, како што ви беше кажал!‘“
8 Жените избегаа од гробницата, тресејќи се од страв. Толку беа исплашени, што никому ништо не кажуваа.
Исус
и се покажува на Марија Магдалена 9 Рано изутрината во неделата, кога Исус воскресна од мртвите, и се појави на Марија од Магдала. (Порано Исус ја беше ослободил од седум демони кои беа во неа.)
10[b]
................................................................................................................................ 10 Таа отиде и им кажа на Исусовите следбеници кои тагуваа и плачеа. 11 Но тие, кога слушнаа дека Исус е жив, не поверуваа, иако Марија им кажа дека Го видела.
Исус им се покажува на двајца Свои ученици
(Лк. 24:13-25) 12 Подоцна, Исус им се појави и на двајца Свои ученици, но во поинаков изглед. Тие тогаш одеа по пат, кон едно село. 13 Кога овие двајца им раскажаа за ова на другите, тие не им поверуваа.
Упатства од Исус до Неговите следбеници
(Мт. 28:16-20; Лк. 24:36-49; Јвн. 20:19-23; Дела 1:6-8) 14 Потоа Исус им се покажа и на единаесеттемина Свои ученици, додека тие вечераа заедно. Тогаш ги укори поради нивното неверство и закоравеност на срцата, зашто не им веруваа на оние што Го беа виделе по Неговото воскресение. 15 Потоа им рече:
„Одете по целиот свет и проповедајте им ја Радосната вест на сите луѓе! 16 Секој што ќе поверува и ќе се крсти - ќе биде спасен. А секој што ќе одбие да поверува - ќе биде осуден. 17 Оние што ќе поверуваат, ќе можат да извршуваат чуда: со помош на Моето име ќе изгонуваат демонски духови, ќе зборуваат на нови јазици, 18 со раце ќе фаќаат змии, ќе испиваат отрови и нема да се отрујат, ќе исцелуваат болни со ракополагање врз нив.“
17) Вознесението на Исус
(Лк. 24:50-53; Дела Ап. 1:9-11) 19 Откако на Своите ученици им ги упати овие зборови, Господ Исус се вознесе на небото и седна до Бог, од Неговата десна страна[c].
20 А учениците се разотидоа и почнаа да проповедаат насекаде. Господ беше со нив и преку чудата што тие ги извршуваа потврдуваше дека тоа што го зборуваат е вистина[d].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest