Book of Common Prayer
18 Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име.
19 Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? 20 Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“
21 Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: 22 беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!
Молитва за смелост наспроти прогонствата
23 Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. 24 Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! 25 Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови:
,Зошто беснеат паганските народи,
луѓето коваат залудни завери?
26 Цареви по Земјата се креваат
и владетели се здружуваат,
против Господ и против Неговиот Помазаник[a].‘
27 Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. 28 Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост. 29 Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака! 30 Испружи ја раката Твоја за да исцелуваш, да даваш видливи докази, чуда да се случуваат во името на Твојот свет Слуга Исус!“
31 Штом се помолија, местото на кое беа собрани се затресе и сите се исполнија со Светиот Дух, па со смелост продолжија да ја проповедаат Божјата порака.
31 Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат. 32 Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“
33 Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“
34 Исус им одговори: „Зар не е запишано во вашиот Закон[a] дека Бог вели за народните водачи: ,Јас реков, богови[b] сте‘? 35 Ако Бог ги нарече богови оние на кои им беше дадена Божјата порака (а знаеме дека тоа што го вели Светото Писмо е секогаш точно), 36 како, тогаш, вие велите за Оној што Таткото Го освети и испрати во светот, дека хули на Бога, затоа што рекол ,Јас сум Божјиот Син‘? 37 Ако Јас не го правам истото она што го прави и Мојот небесен Татко, тогаш немојте да Ми верувате. 38 Но, ако го правам истото, тогаш, дури и да не Ми верувате Мене, верувајте им на делата, за да сфатите[c] еднаш засекогаш дека Таткото е во Мене и Јас сум во Таткото!“ 39 Тогаш тие уште еднаш се обидоа да Го уапсат, но Тој им се истргна од рацете и си замина.
40 Потоа Исус повторно отиде од другата страна на реката Јордан, на местото каде што Јован Крстител во почетокот крштаваше, и таму остана. 41 Многумина доаѓаа кај Него и велеа: „Јован не направи ниту едно чудо, но се што рече Јован за овој човек беше вистина.“ 42 И голем број луѓе таму поверуваа во Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest