Book of Common Prayer
27 Кога дојде четиринаесеттата ноќ, откако бурата не фрлаше наваму-натаму низ Адријанското[a] Море, некаде околу полноќ, морнарите забележаа дека се приближуваме до некое копно. 28 Ја измерија длабочината и утврдија дека изнесува околу триесет и седум метри[b]. Пловеа уште малку, па пак ја измерија длабочината која сега изнесуваше само дваесет и седум метри[c]. 29 Плашејќи се да не удриме во подводни карпи, тие фрлија четири котви од задниот дел на бродот и со трепет чекаа да осамне. 30 Тогаш морнарите се обидоа да побегнат од бродот. Почнаа да го спуштаат чамецот за спасување, под изговор дека од предницата на бродот ќе спуштаат котви. 31 Но Павле им рече на офицерот и на војниците: „Ако морнарите не останат на бродот, нема ни вие да се спасите!“ 32 Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на кои висеше чамецот за спасување и го пуштија да падне и да отплови.
33 Пред да осамне, Павле ги молеше сите да јадат, велејќи им: „Денес е веќе четиринаесетти ден како гладувате. Ништо не сте ставиле в уста. 34 Ве молам, каснете нешто. Тоа ќе ви помогне да се спасите. На никого од вас ниту влакно од главата нема да му недостасува.“ 35 Кога им го рече ова, самиот зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, и почна да крши од лебот и да јаде. 36 Тогаш сите луѓе се охрабрија и почнаа да јадат. 37 На бродот имаше двесте седумдесет и шест души. 38 Откако се најадоа, го исфрлија житото в море, за да го олеснат бродот.
2) Бродолом со среќен крај
39 Кога се раздени, морнарите видоа копно, но не можеа да препознаат за која земја се работи. Забележаа залив со достапен брег и решија да се обидат со бродот да пријдат кон брегот. 40 Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето. Ги разлабавија јажињата на кормилата, го кренаа предното платно спроти ветрот и се упатија накај брегот. 41 Но бродот удри во гребен меѓу две морски струи и предницата на бродот заринка, па не можеше да се помрдне, а задниот дел почна да напукува од ударите на брановите.
42 Војниците имаа намера да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне, 43 но офицерот ги спречи, сакајќи да го поштеди Павле. Тој нареди оние што знаат да пливаат први да скокнат од бродот и да пливаат накај копното, 44 а другите да се спасуваат на штици и на други остатоци од бродот. Така сите се спасија и стигнаа на копното.
4) Пасхалната вечера на Исус со учениците
(Мт. 26:17
-25; Лк. 22:7-14, 21-23; Јвн. 13:21-30) 12 На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“
13 Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот[a]. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него. 14 Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘ 15 Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“
16 Двајцата ученици отидоа во градот и најдоа сe онака како што им беше рекол Исус. Таму ја приготвија пасхалната вечера.
17 Вечерта, пристигна Исус со дванаесеттемина Свои ученици. 18 За време на вечерата, Исус им рече: „Еден од вас што вечера со Мене, ќе Ме предаде.“ 19 Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“
20 Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене! 21 Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“
5) Воспоставување на Господовата вечера (Причест)
(Мт. 26:26-30; Лк. 22:14-23; 1Кор. 11:23-25) 22 За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“
23 Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него. 24 Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина. 25 Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“ 26 Потоа испеаја псалми и заминаа на Маслиновата Гора.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest