Book of Common Prayer
Фест и Агрипа за случајот „Павле“
13 По неколку дена, во Цезареја дојдоа царот Агрипа и неговата сестра Берника, за да му честитаат на Фест, кој неодамна стана нов гувернер. 14 Во текот на нивниот неколкудневен престој, Фест му го изложи на царот случајот на Павле, велејќи: „Имам еден неосуден затвореник, останат уште од времето на Феликс. 15 Кога бев во Ерусалим, еврејските Првосвештеници и старешини го обвинија пред мене и побараа да го осудам. 16 Се разбира, јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да ги осудуваат обвинетите, без да им дадат можност да се соочат со обвинителите и да ја изложат својата одбрана. 17 Затоа тие дојдоа овде и јас без одлагање, веќе следниот ден, седнав во судот и наредив да го доведат човекот. 18 Кога обвинителите станаа да зборуваат, обвиненијата што ги изнесоа воопшто не беа толку страшни колку што јас очекував. 19 Се препираа околу нивната вера, за некојси Исус, Кој умрел, а за Кого Павле тврдеше дека е жив. 20 Јас не бев сигурен како да ја водам истрагата, па го прашав Павле дали би сакал да му биде судено во Ерусалим. 21 Но Павле се повика на правото да се жали пред императорот и јас наредив да остане под стража, се додека не извршам подготовки да го испратам кај императорот.“
22 Агрипа му рече на Фест: „И јас би сакал да го сослушам тој човек!“
„Утре ќе го сослушате!“ - му рече Фест.
23 И така, утредента дојдоа Агрипа и Берника со голема помпезност и влегоа во судската сала, придружувани од офицери и угледни личности од градот. Потоа Фест нареди да го доведат Павле. 24 Фест рече: „Царе Агрипа и сите што сте овде со нас. Пред вас е човекот за кого целата еврејска заедница, и овде и во Ерусалим, бара смртна казна. 25 Јас утврдив дека тој не направил никаков престап што би заслужувал смртна казна, но тој побара да биде испратен кај императорот и јас го одобрив тоа. 26 Но јас не знам што да му напишам на нашиот владетел! Затоа го изведов пред сите Вас, а особено пред вас, царе Агрипа, за да го сослушаме па да знам што да напишам, 27 зашто ми се чини дека е бесмислено кај императорот да испратам затвореник, а да не ги изложам и обвиненијата против него!“
ИСУС ГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА
1) За разорувањето на ерусалимскиот храм
(Мт. 24:1-2; Лк. 21:5-6) 13 Кога Исус излегуваше од храмот еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе, погледни ги овие прекрасни камења - колку убава зграда е храмот!“ 2 Во одговор, Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи градби? Сето тоа ќе биде разурнато и камен врз камен нема да остане!“
2) Почеток на неволите
(Мт. 24:3-14; Лк. 21:7-19) 3 Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, спроти храмот, Му пристапија насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј, и Го прашаа: 4 „Кажи ни, кога ќе се случат сите овие нешта и кој ќе биде знакот што ќе го навести нивното исполнување?“
5 Тогаш Исус почна да им кажува:
„Внимавајте да не бидете заведени! 6 Мнозина ќе доаѓаат под Моето име, ќе тврдат дека Сум тоа Јас и ќе успеат да заведат мнозина!
7 Кога ќе слушате за војни и за повици на војни - не вознемирувајте се! Тоа мора најпрво да се случува, но тоа сe уште не е крајот. 8 Ќе се крене еден народ против друг народ на војна и едно царство против друго царство. Ќе има земјотреси на разни места, и појави на глад меѓу луѓето. Ова ќе бидат почетоците на неволите.“
3) Прогонства на вистинските христијани
(Мт. 24:9-14; Лк. 21:12-19) 9 Исус продолжи: „Внимавајте на себе! Ќе ве тужат на судови и ќе ве тепаат во храмовите[a]. Поради вашата вера во Мене, ќе ве изведуваат пред управници и пред владетели. Но тоа ќе биде за да им се посведочи и ним. 10 А пред да дојде крајот, Радосната вест[b] ќе им се проповеда на сите народи.
11 Кога ќе ве притвораат, не грижете се однапред што ќе зборувате. Во тие моменти Бог ќе ви ги даде вистинските зборови што ќе треба да ги кажете. Зашто вашата одбрана нема да доаѓа од вас, туку од Светиот Дух.
12 Браќа ќе се предаваат еден со друг и родители ќе ги предаваат своите деца на смрт. Децата ќе се креваат против родителите и ќе ги убиваат. 13 Сите ќе ве мразат поради вашата вера во Мене. Само тие што ќе останат верни докрај ќе бидат спасени.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest